Зад најголемите светски музички имиња кој биле во Македонија и регионот веќе 30 години стои „Авалон“ продукција. Приказната која ја почнаа двајцата браќа Бобан и Даниел Милошески, кон крајот на деведесеттите, кога по едно кафе во некогашниот клуб „Стерна“ го договориле првиот концерт на „Забрањено пушење“, било навестување дека пред нив е животна авантура со најголемите музички имиња.
За жал, во екот на најголемите концерти, почина Даниел, но и покрај болката со која се навикна да живее Бобан продолжи да организира концерти во Македонија и регионот.
„Да ти кажам нешто искрено, оваа што сега го работам за пари, јас би ја работел и за беспари. Или да сум екстремно богат, би плаќал за да го работам ова. А, да организираш концерт на некоја ѕвезда, адреналинот секогаш треба да ти биде на највисоко ниво. Затоа и тешко ги преживеав овие две години на пандемија“ искрен е Бобан Милошевски, сопственикот на Авалон.
По првиот концерт на „Фејтлес“ на Кале во Скопје, за кој Бобан вели дека му е најдраг, во биографијата на авалонци се запишани Боб Дилан, Лени Кравиц, Енрике Иглесијас, Стинг, Дип Парпл, Брајан Фери, Тиесто и уште многу други.
„Јас и мојот брат, почнавме од нула и не беше лесно. Но по првиот концерт на ‘Забрањено пушење’, на кој тогаш заработивме 3 илјади марки, што е ко сега да сме заработиле 15 илјади евра сфативме дека тоа е тоа“, се сеќава Милошески.
Бобан е од Гостивар, а во 80-тите дошле во Скопје. Сега скоро ич не оди во родниот град, па на шега вели „Ама јас сум стар скопјанец кој не се труди да го заборави дијалектот“.
Кога го навративме на детство и семејство вели: „Од татко ми не добив ништо, ама добив сè, а тоа е урбана култура“.
Еден од најтешките моменти е смртта на брат му Даниел со кого беа и браќа и ортаци. Си беа сè.
„Јас не можам да поверувам дека се поминати 8 години откако почна. Кога ми јавија за смртта на Даниел бев да го гледам ‘Партизан’. Се навикнав на болката. Но и ден денес кога се случува нешто добро или лошо, го земам телефонот и му вртам по два три пати во денот“, раскажува Бобан за „Репортер“. Можеби затоа и најемотивно го доживеа концертот на Стинг, кој му е како аманет од починатиот брат.
Со Бобан муабетот нема крај. Особено кога зборува какви се одблиску светските пејачи. Непосредноста на Леви Кравиц кој сам со фотографот шета и се слика со минувачите или Брајан Фери кој прочитал дека во Охрид има 365 цркви па без никој да знае тргнал да ги бара.
Последниот концерт пред да почине Ејми Вајнхаус го организираше Авалон во Белград.
„Нема да заборавам, беше пред концерт, кога и ни рекоа Ејми сака билјард да игра. Викам, океј значи добра е. Ама ние цело време бевме во страв. По некое време дојдоа Мишко и Филип од Авалон, и некои бели плата развлекоа. Се чудев од каде белово платно. Потоа го гледам едниот се фаќа за глава. Дојдоа два црни мерцедеси, а концертот треба да почне. Сирота Ејми на раце ја изнеле од задното седиште. Натаму сè е историја“, раскажува Бобан.
Како е да се работи со најголемите ѕвезди и тешко ли е да се одговори на нивната радјер листа, анегдоти за светските и регионалните пејачи, одблиску приказна за Ејми Вајнахус пред да почине, зошто Авалон нема договор до Каролина, каков е Бобан приватно, за најтешките мигови по смртта на неговиот брат, за почетоците од нула до денес… гледајте го интервјуто.