Искинат тапацир на столчињата во Македонскиот народен театар (МНТ) и откорнати орнаменти од ѕидовите е штетата по присуството на навивачката група “Шверцери“ на фудбалскиот клуб Шкупи, на петочната прослава на 22 Ноември – Денот на албанската азбука.
Директорката на најголемиот театар во државава, Симона Угриновска, рече дека во моментов е во консултација со Владата и со правниците и случајот во текот на денот ќе биде пријавен во Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Прославата беше во организација на Владата, и ми беше кажано дека ќе има два настана. За првиот официјален дел, свечената академија, на кој присуствуваше и премиерот Зоран Заев, бев во координација со портпаролот на Владата Мухамед Хоџа. За вториот настан, координатор беше Артан Груби и тој ми кажа дека ќе има само проекција на документарен филм за 30 години постоење на Шверцери“, вели директорката на најголемиот театар во државава, Симона Угриновска, за САКАМДАКАЖАМ.МК. Груби е пратеник и координатор на пратеничката група на ДУИ во Собранието.
„Срце ме боли за театарот. Зар мислите дека јас, која имам вратено долг на театарот од 120 илјади евра, ќе дозволам влез на навивачки групи и вакво однесување“.
Владата на Македонија информира дека настанот во МНТ не е во организација на ниту една државна институција и не смее никако да се поврзува со владиниот настан за одбележување на Денот на албанската азбука. Владата го оценува несоодвеното однесување како злоупотреба на гостопримството во Македонскиот народен театар, и истото најостро го осудува.
“Очигледно е дека организаторот на овој настан, како и иницијаторот тој да биде одржан во МНТ, не го подготвиле и организирале настанот согласно стандардите и очекувањата за манифестации што се организираат во национални културни установи од највисоко значење. Владата очекува организаторот и иницијатор на настанот да ја надомести направената штета во Националната установа Македонски народен театар и да се извини на граѓаните за несоодветното однесување“, се вели во соопштението на Владата.
Инаку, Македонскиот народен театар кој чинеше 40 милиони евра свечено беше отворен во декември 2013.