Според британските медиуми, рускиот претседател Владимир Путин регрутирал тајна армија блогери за убавина како очајнички потег во неговата пропагандна војна против Западот.
Откако повика 300.000 мажи да се приклучат во борбата во неговата војна против Украина, во земјата настана вистинско стампедо и многу Руси решија да ги спакуваат куферите и да побегнат.
Руската политика користи атрактивни млади жени во руската кампања на социјалните мрежи, а нивната цел е да ја убедат руската јавност да се придружи на страната на Путин во оваа војна.
Користејќи ќесички со чипс за подобро да ги илустрираат своите тврдења, инфлуенсерките испраќаат двосмислени пораки до јавноста, пишува The Sun.
„Ако земам еден процент од оваа ќесичка, сè уште ја имам целата ќесичка“, вели познатата блогерка Катрина Исаева.
„Никој не зборува за мобилизација кога станува збор за статистика. Да ги погледнеме критериумите и ќе видите дека тоа е само еден процент, што не е голема бројка. Да се поддржуваме во ова тешко време“, додава таа, а слично видео со чипс сними и инфлуенсерката Ана Велозелова.
Потсетуваме, повикот на Путин за мобилизација предизвика паника во Русија, па илјадници луѓе почнаа да бегаат и да формираат линии на руските граници со Грузија, Казахстан и Монголија.