Директорката на гимназија „Алгоритам“, Марина Божинова открива како училиштето одговори на кризата и како учениците и родителите го прифатија концептот на онлине наставата.
1. Согласно новонастанатата ситуација, може ли да ни кажете како се одвива наставата во училиштето во ситуација на криза?
-Нашата гимназија функционира веќе 13 години и е прва гимназија со целосно дигитализиран наставен материјал. Сопствениот систем за е-учење овозможува постојано следење на активностите на учениците. Согледувајќи ја ситуацијата со другите училишта, сметам дека „Алгоритам“ најпрво и најспремно одговори на предизвиците, одржувајќи ја онлине наставата лесно и без прекин. Професорите се целосно обучени за ИКТ и не им претставуваше никаков проблем да одговорат на овој немил предизвик.
2. Како учениците и родителите го прифатија концептот на онлине наставата?
-Имајќи предвид дека нашите ученици се целосно адаптирани на дигиталниот систем на учење, не им претставуваше проблем да го прифатат онлине начинот на следење на наставата. Сè се сработува со исто темпо и ефикасност како и порано. Откако почна онлајн наставата од родителите добиваме позитивни реакции и пофалби, а од комуникацијата се согледува дека се задоволни и од кадарот и од наставата.
3. Дали беше потребен период на адаптација или обука при префрлувањето кон онлајн наставата?
-Како што напоменав и претходно, наставниот кадар е обучен за ИТК во наставата, а наставните материјалите се целосно во дигитална форма. Со тоа адаптацијата беше брза.
4. Како одговоривте на предизвикот за одржување дисциплина имајќи предвид дека работите со тинејџери?
-Дисциплината е концепт на кој обрнувавме внимание во училиштето уште од самиот почеток. Нашите ученици се научени на ред и дисциплина, а тоа се пренесе и преку онлине наставата. Сите ученици се посветени и ги исполнуваат зададените задачи и обврски.
5. Кои се вашите видувања и постапки кои ги преземате како општествено одговорно училиште во овој период?
-Свесни за тоа дека чувството за општествена одговорност е корен во одржливоста и функционирањето на самото општество, најбрзо што можевме вклучивме аларм за помош. Имено, гимназијата „Алгоритам“ заедно со учениците организираше акција за донирање на медицинска опрема на Клиниката за инфективни болести и општата болница „8-ми Септември“, бидејќи заштитата на здравствените работниции во чии раце сме сите ние е најпотребна. На 13.5.2020 година пристигна нарачаната медицинска опрема, а на 15.5.2020 година гимназијата „Алгоритам“ ја донираше опремата која се состои од интравенски канили од типот B. Braun Vasofix Safety IV Catheter со заштитен дел против несакани убоди и маски Н95 со високо ниво на заштита од 95%. Исто така, беа набавени магнетни табли потребни за побезбедна комуникација.
Целиот тим на гимназијата „Алгоритам“ и учениците упатуваат благодарност до здравствените работници за нивната посветеност и истрајност.