Иницијатива за пошумување на пределот што изгоре во пожарите што ја зафатија околината на Велес се споделува на социјалните мрежи.
“Почитувани сограѓани и пријатели, исправени сме пред голем предизвик во нашиот град. Пожарот изгоре голем дел од шумата во нашата околина. Штетата засега е непроценлива и неповратно направена. Не е време за препукувања, ни за ширење дефетизам, ни за фрлање клетви, ни за плачење. Идејата ми е дека мораме да се организираме и да го пошумиме Велес и околните (голи) ридишта и да го обновиме изгубеното од пожарите. За таа цел има многу планирање, организација, трчање, тропање по врати и многу работа. Не сум експерт за пошумување ниту за тоа каков тип на насади најмногу би успеал, ниту кога се садат. Ама верувам дека можеме да се организираме, а за оперативниот дел сите можеме да фатиме по една лопата, сигурен сум дека ќе добиеме поддршка и од други градови. Во моментов сум гневен на ситуацијата, но истовремено присебен и да се обидам да ја кренам свесноста за сериозноста и да се мобилизираме за одлучна акција. Да се координираме со општинските власти, да добиеме насоки за активности, да издејствуваме садници (багреми на пример), ако треба и на повисоко ниво ќе алармираме, ќе побараме поддршка од државата, а најголемата поддршка ќе ни треба за самото насадување од граѓаните.
Се работи за чист воздух, за квалитетот на нашето живеење, за нашите деца и идните поколенија.
Ве молам споделете за да ја рашириме оваа идеја, а за конкретни мерки и чекори ќе објавиме дополнително.
Со почит кон сите вас и со љубов кон природата“ пишува на Фејсбук профилот на Зоран Николов.