40-годишен Индиец, кој поради компликации бил приклучен на респиратор, починал откако членовите на неговото семејство го исклучиле апаратот за дишење од струја, за да имаат каде да го вклучат клима уредот. Инцидентот се случи во понеделникот во сојузната држава Раџастан на северот на Индија, во болницата во Махара Бимсинг, а медиумите јавуваат дека е покрената истрага и дека против семејството ќе биде поднесена кривична пријава.
Им било жешко
Несреќниот Индиец бил примен во болницата неколку дена порано поради отежнато дишење, по што бил сместен во специјално изолиран оддел за пациенти кои страдаат од коронавирус. Мажот бил во толку сериозна состојба што лекарите дури не го тестирале за вирусот, туку веднаш го ставиле на респиратор и започнале со терапија.
Во понеделникот наутро, болниот Индиец го посетиле во болницата неговото семејство, кои не биле задоволни од условите во кои престојува. Имено, бидејќи централниот систем за ладење во болницата бил исклучен со цел да се спречи ширењето на смртоносниот вирус, во собата во која лежел Индиецот имало повеќе од 40 степени. Еден од членовите на семејството отишол до дома и донел портабл клима уред. После тоа, семејството случајно го исклучила респираторот да има место да ја вклучи климата, по што човекот починал. Последователното тестирање утврдило дека пациентот воопшто немал коронавирус, туку тешка форма на хронично опструктивно белодробно заболување.
– Кога го исклучиле респираторот од напојувањето, уредот автоматски се префрлил на резервното напојување, односно во единицата што работи на батерија. Сепак, батеријата истече по половина час, по што пациентот почина. Кога забележала дека нешто не е во ред, семејството се јавило во медицинскиот персонал, но веќе било доцна. Аутопсијата покажала дека пациентот починал од задушување – им изјави на новинарите доктор Навин Саксена од болницата Махара Бимсинг.
Убиство од небрежност
Во овој момент, според локалните медиуми, не е познато како семејството успеало да влезе во строго изолираното одделение со пациенти со корона. Лекарот кој бил на должност во тој момент веднаш ја известил полицијата, која ги привела учесниците на овој бизарен настан на информативен разговор.
Истрагата покажала дека тие не биле ни свесни дека кабелот што го исклучиле од напојувањето, всушност го напојува респиратор, така што, како што стојат работите сега, против нив ќе биде поднесена кривична пријава за убиство од небрежност.