Актуелниот претседател на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов ќе продолжи да ја извршува функцијата и покрај неодамнешните најави за негово повлекување.
Мукаетов на денешната седница на Управниот одбор на РФМ ги информира присутните дека последните случувањата во македонскиот ракомет го премислиле и дека останува со посветена работа да се постигнат нови успеси.
– Пред неколку месеци најавив повлекување од претседателското место во РФМ и оставање простор за нови луѓе кои ќе ја предводат федерацијата. Сепак, по последните настани, по сета оваа енергија која ја имаме во ракометот. Мислам дека периодов не е најповолен за повлекување. Ни следуваат обврски како организација на Европско првенство кое се намачивме да го добиеме, имаме кадетско светско првенство. Стојам на мојот став дека во овој Управен одбор има капацитет. Знаеме дека од надвор има мераклии за да ја водат федерацијата, но тоа не е лесно. Политиката треба да се држи надвор од спортот и од ракометот. Сакам да потврдам дека продолжуваме заедно да го водиме ракометот кон нови успеси, порача меѓу другото Мукаетов.
Познатиот македонски бизнисмен претседател на РФМ стана во 2013 година. Под негово водство сите македонски селекции имаат беспрекорни услови за работа, а федерацијата е една од најуспешните во државата.
Пофални зборови за Мукаетов доаѓаат од сите репрезентативци, а капитенот и селектор на А-репрезентацијата, Кирил Лазаров, по пласманот на Светското првенство 2023 обезбеден во неделата, рече дека тешко ќе се најде друг претседател на РФМ како Живко Мукаетов.