– Иако работиме под голем притисок, сепак здравствените работници се ангажирани, вложуваат значителни напори во спречувањето на кризата. Со новите капацитети кои ќе бидат вклучени во битката со ковид-19, мислам дека ќе можеме да одговориме на предизвикот. Сметам дека во овој момент не е потребно вклучување на приватните клиники во овој момент – вели министерот за здравство Венко Филипче кој заедно со директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Милена Стевановиќ одржаа заедничка прес-конференција.
Според него за две до три недели сегашните мерки треба да ги дадат првичните резултати.
– Во овој момент нема потреба од нови рестриктивни мерки. Тоа утринава било разговарано и заклучено на состанокот на Комисијата за заразни болест. Апелирам до граѓаните ако немате потреба немојте да излегувате од дома – рече Филипче и додаде:
– Брзо се пополнуваат болниците па го активиравме планот за дополнителни одделенија. Функционира Центарот за белодробни болести каде уште има капацитети за пациенти, но гледајќи го напливот се активираше планот за интерните клиники, со гастро, дијализа, нефрологија, а следно се активираат очните клиники. Системот „Мој термин“ и понатаму функционира, секако, и продолжуваме да сместуваме пациенти во оваа зграда на интерни клиники. Лекарите и сестрите се на располагање – рече Филипче и информира дека стигнаа сите вакцини за грип. За време на викендот ќе се дистрибуираат, а вакцинацијата ќе почне во вторник.