Прославениот екс-ју фудбалски тренер Ќиро Блажевиќ имаше многу успешни моменти во кариерата, но круна на неговата работа беше освоеното трето место во 1998 година на светското првенство во Франција, како селектор на Хрватска.
Одговарајќи на новинарскиот повик од српскиот портал „Курир“, Блажевиќ изнел непријатни вести за својата здравствена состјба, откако порано во два наврати ги добиваше битките со подмолната болест.
– Сине, полошо ми е од порано. Се ближи крајот, не можам да лажам дека сум добро, кога не сум. Црниот дроб ми е полн со метастази, не ми е до фудбал, – гласи изјавата што е пренесена во медиумите.
Претходно Блажевиќ имаше забележителни пораки за поддршка до селекторот на Србија, Драган Стојковиќ Пикси, потсетувајќи ги сите на неговата величина и како поранешен фудбалер кој им даде два гола на Шпанците во Италија 1990 година.
Хрватскиот фудбалски сојуз минатата година го назначи за „почесен селектор“ на националниот тим.