Ќерката на Пол Њуман, Мелиса Њуман, ѝ даде на јавноста увид во љубовните писма што нејзиниот татко ѝ ги испраќал на својата сопруга Џоан Вудворд, а кои со години биле чувани на таванот на нивниот дом во Конектикат.
Покојниот актер, кој почина во 2008 година, уживал во врската со Вудворд, а во своите мемоари се фалел дека меѓу нив имало голема страст. Тој открил дека дури имале и колиба во која оделе да водат љубов.
Романсата на Пол Њуман и Џоан Вудворд започнала како афера додека тој сè уште беше во брак со својата прва сопруга Џеки Вити, со која имаше три деца. Кога се раздели од неа во 1958 година, истата година ја одведе Џоан пред олтарот.
Сега неговата ќерка Мелиса ги откри бурните љубовни белешки на актерската ѕвезда, чии делови се претставени во книгата „Head Over Heels: Joanne Woodward and Paul Newman“.
Мелиса изјавила за „Fox News Digital“ дека некои од писмата се премногу ризични за да бидат прикажани во јавноста: „Има цитати од писмата во книгата. Ги читав писмата и велев: ‘Ох, ова е толку слатко. Ова треба да оди во книгата’. И тогаш продолжував да читам, а потоа велев: ‘Ох, тато, не можам да го ставам ова во книгата!’“.
„Секогаш им велев на блиските пријатели: ‘Луѓе, прочитајте ги нештата кои мојот татко ѝ ги напишал на мојата мајка… и фаќајте забелешки!’ Вака се додворувате некому. Беше страшно заљубен во неа“, додала ќерката на Пол.
Кога ја пронашла старата торба на таванот, Мелиса рекла дека за малку ќе ја фрлела, а потоа сфатила дека внатре има писма. Читајќи ги видела дека се многу страсни, но истовремено и шармантни.
Мелиса детално опишала како спалната соба на нејзините родители имала комично големи завеси и напишала дека верува дека без сомнеж речиси била сведок на екстремна интимност од прва рака, многу пред да знае како да го нарече тоа.
Парот имаше три ќерки, Нел, Мелиса и Клеа и останаа заедно сè додека Њуман не почина од рак во 2008 година. Џоан Вудворд моментално има 93 години и боледува од Алцхајмерова болест.
Инаку, постхумните мемоари на Њуман објавени минатата година откриваат дека тој не се чувствувал како секс симбол сè додека не ја запознал Џоан. Книгата ги споделува интимните детали од бракот на холивудската двојка.
„Џоан разбуди вистински страстен ѕвер во мене“, напишал Пол во извадок од книгата.
„Оставивме трага на страст насекаде. Хотели и јавни паркови, како и во секој автомобил“, открил тој.
„Кабината ја опреми Џоан. Дури и кога дојдоа нашите деца, одевме во таа кабина неколку ноќи неделно и едноставно бевме интимни, гласни и груби“, раскажал Њуман.
Актерот беше номиниран 11 пати за Оскар, а освои три. Само неколку месеци пред смртта на Пол, односно во мај 2008 година, американските медиуми открија дека тој боледува од рак на белите дробови и дека времето го поминува на лекување во болница.