Имав повеќе среќа од Ѓорѓе Балашевиќ, изјави црногорски музичар Рамбо Амадеус откако беше пуштен од инфективната болница во Подгорица, каде што изминативе денови се лекуваше од ковид-19.
Тој пред една недела потврди дека имал позитивен тест за коронавирус и дека се наоѓа во болница.
„Треба да се чувам уште 20-ина дена, а потоа повторно ќе бидам оној стариот. Имав среќа што на време отидов на лекување на инфективната клиника, каде што работат надлуѓе, посветени експерти. Мојот почитуван колега Балашевиќ ја немаше таа среќа на време да дојде во рацете на лекари. Имав повеќе среќа од него“, изјави Амадеус и додаде:
„Видов многу до вчера здрави луѓе како се борат за живот, па можам да се радувам што го победив овој вирус, за кој долго време не верував дека е толку опасен. Никој не би требало да се опушта. Сега ќе ми треба време да се вратам во форма, но и покрај сите рестрикции, барем никој не ми забранил да свирам гитара“.