Приближно илјада луѓе се собраа во саботата вечерта на улиците и плажите на Куопио, Финска, за да позираат голи за уметничкиот проект на американскиот фотограф Спенсер Таник.
„Денес, земјата на илјада езера, Финска, се трансформира во земја на илјада акти“, изјави реномираниот фотограф.
Таник, кој е добро познат по своите импресивни снимки со голи маси луѓе, изрази благодарност до ентузијастите волонтери додека ги насочуваше преку звучник.
Учесниците првин позираа на улица, со цветни инсталации, а потоа на плажа и во вода.
„Сакав да го доведам телото во хармонија со Куопио и езерата во северна Финска“, објасни уметникот изразувајќи ја својата длабока благодарност до волонтерите што беа подготвени да се соблечат среде ноќ.
„Тоа е нешто многу ретко, да ѝ се даде можност на публиката да учествува во креативниот процес“, рече уметникот.
Спенсер Таник е познат по слични проекти со масовното соблекување на многу познати локации во светот.
Тој соблече повеќе од 5.000 луѓе пред операта во Сиднеј во 2010 година, а 18.000 луѓе – негов рекорд – на плоштадот Зокало во Сиудад де Мексико во 2007 година.
Во ноември, околу 2.500 голи луѓе се собраа на плажа во Сиднеј, Австралија, како дел од замислата на истиот уметник, којашто има за цел да се подигне свеста за канцерот на кожата. Настанот наречен „Соблечи се за ракот на кожата“ (Strip Off for Skin Cancer), беше организиран во соработка со здружение кое ги охрабрува Австралијците да прават редовни дерматолошки прегледи.