Израелските сили зазедоа хуманитарно пловило кое се обидело да ја пробие поморската блокада на Појасот Газа. На јахтата имало 12 луѓе, вклучувајќи ја активистката Грета Тунберг. Властите кажаа дека пловилото е одведено во пристаниште во Израел.
Со јахтата „Матлин“, која пловела под британско знаме, управува пропалестинската хуманитарна организација „Фридом флотила“. Тие се обиделе да достават симболично количество помош во Газа, со цел да го привлечат вниманието на светската јавност кон хуманитарната криза која се одвива таму.
Сепак, бродот бил пресретнат ноќеска пред да стигне до брегот и израелското министерство за надворешни работи подоцна потврди дека тој е под израелска контрола.
„‘Селфи јахтата‘ на славни личности безбедно плови кон брегот на Израел. Се очекува патниците да се вратат во своите земји. Сите се добро и неповредени. Ќе им бидат дадени сендвичи и вода. Шоуто заврши“, објави министерството.
Покрај Тунберг, меѓу патниците била и француската европратеничка Рима Хасан.
„Екипажот на ‘Фридом флотила‘ беше уапсен од израелската војска во меѓународните води утрово околу два часот“, напиша Хасан на Икс.
Бродот носел мало количество хуманитарна помош, вклучувајќи ориз и бебешка храна и неговата крајна цел била Газа. Израел воведе поморска блокада на Газа откако Хамас презеде контрола врз енклавата во 2007.
Во видеото објавено од Би-Би-Си, активистката Јасемин Акар наведува дека „кон волонтерите биле фрлени хемикалии“, истакнувајќи дека тие предизвикале иритација во нејзините очи. На крајот од видеото, Акар додава дека израелската армија го „пресретнала“ бродот.
Денешното пресретнување на „Мадлин“ доаѓа еден месец откако „Совест“, друг брод што се движел кон Газа, управуван од коалицијата „Флотила на слободата“, завршил во пламен покрај брегот на Малта. Активистите рекоа дека бродот бил нападнат од израелски беспилотни летала во меѓународни води на 2 мај. Израел соопшти дека го истражува нападот.
Невладината организација соопшти дека во тој инцидент „четири цивилни волонтери биле повредени, а бродот бил онеспособен и запален во европските води“. Малтешката влада соопшти дека сите на бродот се безбедни и дека пожарот е ставен под контрола.
Климатската активистка Грета Тунберг беше дел од групата која требало да се качи на бродот за време на неговото патување во Газа. Таа завршила на бродот „Мадлин“, кој отпловил за Газа минатиот петок.