Израелските сили се качија на неколку бродови од флотилата „Глобал Сумуд“ и ги превезоа активистите во израелско пристаниште, разбивајќи протест против блокадата на палестинската територија од страна на Израел.
Грета Тунберг е видена како седи на палубата опкружена со војници, на снимка од израелското Министерство за надворешни работи и потврдена од „Ројтерс“. Шведската активистка за климатски промени е најистакнатиот патник на пропалестинската флотила.
„Неколку пловила од флотилата Сумуд-Хамас се безбедно запрени, а нивните патници се префрлени во израелско пристаниште. Грета и нејзините пријатели се здрави и безбедни“, соопшти министерството.

Флотилата се состои од повеќе од 40 цивилни бродови со над 500 патници, меѓу кои се парламентарци, адвокати, новинари и активисти. Таа се обидува да достави симболична количина храна и лекови во Газа. Неколкумина учесници објавија видеа од бродовите, тврдејќи дека биле киднапирани од Израел и одведени против нивна волja.
Флотилата привлекуваше меѓународно внимание додека пловеше преку Средоземно Море, при што Турција, Шпанија и Италија испратија воени бродови за да ја заштитат од напади со дронови. Пресретнувањето на бродовите предизвика протести во Италија и Колумбија, а италијанската унија на синдикати за денеска повика на генерален штрајк во знак на солидарност со флотилата.
Израелската морнарица претходно ја предупреди флотилата дека се приближува кон активна борбена зона и ја крши законската блокада и побара од бродовите да го променат курсот. Таа понуди мирно да ја префрли помошта до Газа преку безбедни канали.
Организаторите на флотилата го осудија вчерашниот напад како воено злосторство и рекоа дека војската користела агресивни тактики, но никој не бил повреден.
„Повеќе бродови беа нелегално пресретнати, а на нив се качија израелските окупациски сили во меѓународни води“, рекоа организаторите.
Според нивните податоци, досега се пресретнати и запрени 13 бродови.
„Флотилата ќе продолжи без обесхрабрување. Триесет бродови сè уште пловат кон Газа“, соопштија организаторите.