Страшен пожар ја зафати, рано утрово, луксузната вила на манекенката Кара Делевињ во Лос Анџелес.
Имено, како што пренесува ТМЗ, познатата манекенка во моментот на страотниот пожар не престојувала во својата вила, поради тековните обврски во Велика Британија.
Пожарникарите биле повикани на местото на настанот околу 3:57 часот по локално време, според ТМЗ.
Како што се наведува понатаму, на објектот е причинета голема материјална штета, а за среќа нема жртви.
Се претпоставува дека пожарот избувнал во задниот дел од луксузниот имот, по што се проширил на поткровјето, при што дошло до уривање на покривот. Дури 94 пожарникари го гаснеле големиот пожар.
Инаку, Кара ја купила оваа вила од 8.000 метри квадратни во 2019 година за дури 7 милиони долари.
Тогаш гордо се пофали со внатрешноста на вилата.