Судбината си поигра со 29-годишната Ешли Томас и 31-годишната Латоја Вимберли од Филаделфија. Имено, тие цели 17 години биле нераздвојни пријателки пред да утврдат дека се всушност сестри, поточно полусестри бидејќи имаат заеднички татко. Се запознале во основно училиште и тогаш започнале да се дружат. Дека имаат ист татко, случајно дознале откако една пријателка на мајката на Ешли ја прокоментирала фотографијата од вереничката забава на Латоја.
На фотографијата се наоѓал 48-годишниот Кенет Вимберли со кој мајката на Ешли била кратко во врска. Пријателката ѝ кажала на Ешли дека мајка ѝ кратко време се дружела со Кенет во младоста.
Ешли потоа ги покажала фотографиите од својата мајка на Кенет, по што тој потврдил дека се дружеле во младоста, а потоа Латоја побарала од татко ѝ да направи ДНК анализа. Анализата покажала дека тој е навистина биолошкиот татко на Ешли.
“Кога ми кажа дека тој ми е татко, ми беше тешко да го сфатам и прифатам тоа”, рекла 29-годишната Ешли.
Нејзината мајка која починала пред 11 години никогаш не ѝ кажала дека останала бремена од Кенет, а подоцна започнала друга врска.
“Среќен сум што Ешли е моја ќерка, таа е сега член на семејството. Тоа е божјо дело”, изјавил Кенет.