Игор Џамбазов со извадок од неговата книга “Облечен човек“ се потсете на дедо му Петре Прличко. Тој раскажа за првата и последна посета на Прличко на стоматолог. Тој прво јадел јаболко па миел заби, па затоа починал со сите 32 заба.
Дедо ми Петре денот го започнуваше со јаболко. Прво тоа, па дури после миење заби. Затоа и умре со сите триесет и два заба на себе. Медицински феномен.
На забар беше само еднаш во животот. А немаше ни тогаш да појде да не бев јас.
Се сеќавам дека таа, 1980-та година, заедно игравме во филмот „Учителот“ на Васил Ќортошев, приказна за животот на Григор Прличев, авторот на вонвременската поема „Сердарот“, нашиот прв поет лавроносец.
Беше крајот на февруари, почетокот на март. Само што му ја исекоа ногата на другарот Тито. Снимавме во Охрид, а спиевме во Пештани, во хотелот „Десарет“. Цел месец.
И сè беше добро до пред самиот крај на снимањето. Тој ден снимањето се одложи поради големиот снег кој падна ноќта, па апсолутно беше невозможно не само да се снима туку воопш то да се стигне од Пештани до Охрид.
Дедо ми 5ре беше нерасположен уште на појадокот. Го прашав што му е, но не сакаше да ми каже. Знаев дека е хипохондрик, и тоа од најтежок вид, па можеше да се растрои ако кивнеше повеќе од еднаш. За најобична главоболка беше подготвен да го бара Министерот за здравство. Сепак, на крајот ми се довери.
„Да видиш што ми се појави на забот.“
Ај баш да видам.
И што да ти раскажувам, пријателе мој? На врвот на еден од предните заби му се појавила точка. Повеќе личеше на дамка од кафе отколку на расипан заб.
„Те боли?“
Го прашав, колку да го прашам нешто. Знаев дека тоа нешто не може да го боли. Но сепак, тој монтираше на себе една најзагрижена и најболна гримаса на лицето. Му реков:
„Да одиме на забар?“
Мислев дека ќе се буни, ама изгледа ептен беше исплашен, па прифати. Го викнав продуцентот и му се пожалив. Тој ни даде шофер, па со службеното комбе, по најголемиот снег, тргн авме за Охрид. Тие 11 километри ги возевме повеќе од еден саат. Дојдовме до амбулантата, популарното охридско „Маларично“, па го најдовме дежурниот стоматолог. Тој, пак, кога го виде дедо ми 5ре, прво се насмеа до уши, а потоа без да праша што е работата, му рече:
„Чичко Петре, ај извади ги вилиците ако сакаш.“
Изгледа докторот си помисли дека проблемот е во нив, дека му се лошо наместени, па го јадат до болка. Стариот вампир се најде навреден, па почна со стисната тупаница да си ги удира забите и да вика по него:
„Мои се, дете, мои се забите…“
Повишениот тон кажуваше дека докторот многу го навреди.
Твои се, бе вампир, твои. И никој не ти ги бара.
Дежурниот виде дека направи беља, па се обиде да ја смири ситуацијата. Го седна на забарското столче. Кога ги виде сите оние кабли, жици, дупчалки, пинцети и други опасни справи, дедо ми пребледе. И се предаде. Ја отвори устата ширум. Дури тогаш забарот виде во што е работата.
„Ништо, чичко Петре. Имаш малку кариес. Сега ќе те исчистиме со машинчево и готово.“
Сè што следуваше понатаму, пријателе мој, беше како скеч од „Бени Хил шоу“. Забарот дупчеше со машинката која го испушташе оној одвратен звук од кој сите се плашиме, а јас и уште три медицински сестри го држевме дедо ми. Кој за рацете, кој за главата. Тој викаше и се тресеше како да му ги ампутираат нозете во партизански филм. Тогаш животот му се скуси најмалку десет години. Штетата беше поправена за неколку минути, ама тој офкаше уште десет часа.
Тоа беше неговата прва и последна посета на стоматолог. На 73 години.