Македонскиот амбасадор во Бразил Ивица Боцевски преку својот Фејсбук профил ја коментира упорноста со која им се ускратува правото на родителите да се идентификуваат како мајка и татко. За него бришењето на „мајката“ и „таткото“ е помодарска будалаштина која ја пропагираат група фундаментални будалетинки.
“Не знам зошто запнала оваа нова идеологија на “разбуденост” (веројатно така се преведува “woke” на македонски) да ме навредува лично и да ми одзема дел од мојот идентитет.
Јас сум татко, горд сум што сум татко на едно дете и сакам така да ме нарекуваат институциите. Немам никаков проблем доколку некој себеси сака да се самоопредели само како “родител” или како “родител х”, но не ми го одземајте правото да бидам татко.
Лудиот, пак, аргумент дека зборовите “татко” и “мајка” некого навредуваат, па мора да ги бришеме од употреба се вон секој здрав разум и немам ни намера да влегувам со разно-разни будалетинки во расправии на таа тема.
Кон крајот на ХХ век се направија огромни исчекори во борбата за човекови права на многу порано маргинализирани и дискриминирани групи и тој прогрес на човештвото мора да се поздрави и да се заштити. Меѓу нашите семејни пријатели имаме брилијантни луѓе кои што се самохрани родители или истополови бракови кои што имаат прекрасни деца, но никогаш не сум искусил од нив било каков проблем со моето татковство или со било чие татковство и мајчинство, па навистина не ми е јасен овој “разбуден” фундаментализам.
Како и секоја помодарска будалаштина која што доаѓа од било која точка на земјината топка и ова добива карикатурална форма во моето Скопје. Самонаречената и самопрогласената скопска “елита” на некој чуден начин, и секогаш без вклучување на мозокот и без елементарна дебата, ги прифаќа овие претерувања како канон и догма, себеси се замислува како морален Монт Еверест и гледа со презир на остатиот “плебс”. Тажно е и воопшто да се објаснува човек со нив колку се и морално и културни и човечки бедни. Но, здравје …
Просветителството веќе два и пол века се бори против сите догми, предрасуди и фундаментализми, па сигурно ќе ја добие и оваа битка.
BTW, немам намера са си ги пишувам придавките и заменките во личните документи, а ни да им се обраќам на луѓето во трето лица множина (освен ако некој тоа не го побара од мене што, исто така, ќе го почитувам). Нормално, ниту имам проблем со некој што одлучил тоа да го прави, а нема ни да го судам. Секој нека си живее со своите убедувања, но нека ме остават и мене да си живеам со моите убедувања.
p.s. Оставете ги и термините “сопруга” и “сопруг” затоа што лицата во “традиционалните бракови”, како што “разбудените” ги нарекуваат, се еднакво модерни, прогресивни и вредни, како и останатите. Впрочем, и изградба и одржување на еден брак во 21 век е подвиг, а и тоа што сум “сопруг” е нераскинлив дел од мојот идентитет и од идентитетот на многу други луѓе, како и извор на голема гордост.