Шведскиот напаѓач Златан Ибрахимовиќ минатото лето ја заврши фудбалската кариера и одлучи веднаш да ја прифати улогата на советник во Милан. Во неодамнешно интервју за шведскиот поткаст „ABTalks“, Ибра истакнал дека се помирил со новото поглавје во животот, порачувајќи дека го послушал советот на својата избраничка Хелен Сегер.
„Ми кажа да запомнам кој се грижел за мене пред јас да почнам да се грижам за семејството. Таа се откажа од својата кариера поради мене. Ме следеше во се, се откажа од се само поради мене“, рекол Ибрахимовиќ кој својата сопруга инаку ја запознал на паркинг, кога најпрво го одбила, но по долго убедување успеал да ја импресионира.
Според зборовите на Ибра, мора да постои баланс во врската: „Таа има поголема одговорност за некои работи, за други јас. Луѓето можеби мислат дека сме семејство кое живее некој луксузен живот, но всушност таа готви и пере. Единствената помош што ја имаме е чистачка“, додал Швеѓанецот.
Нивните синови Максимилијан и Винсент сега се возрасни, а Златан од почетокот на нивниот живот се трудел да не почувствуваат дека синови на богати родители. „Јас ги носев во училиште, доаѓав со нив после тренинг, исто како и во секое нормално семејство. Така одлучивме. Моите деца во училиште возеа само велосипед. Други семејства имаа бебиситерки. Ние не“, вели Златан.
Потсетуваме, Златан Ибрахимовиќ официјалното простување од фудбалот ќе го има во дресот на Шведска во пријателски натпревар против Србија во Стокхолм.