Претседателот на Русија, Владимир Путин не користи мобилен телефон затоа што тој уред подразбира подготвеност на целосна транспарентност, соопштил портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Според зборовите на Песков, користењето на смартфон е “доброволен егзибиционизам, целосна отвореност”. Оној момент кога ќе земе смартфон во рака, корисникот прифаќа да стави се на “повелете”, уверен е претставникот на Кремљ.
“Секако, еден претседател не треба да го прави тоа, посебно не претседател на земја како Русија и претседател каков што е Владимир Путин”, рекол Песков, додавајќи дека “добриот стар телефон со затворена врска ќе ги надживее сите смартфони”.
Тој објаснил како се подготвуваат инфомационите материјали за шефот на државата.
Според неговите зборови, уште се користат печатари и кратки збирки од информации на хартија.
“Претседателот, меѓутоа, понекогаш користи интернет, и традиционално, телевизор”, објаснил Песков.