Најмладата пациентка која починала од ковид-19 во нашите болници досега, 24-годишната тетовка, ја остави Инфективната клиника во Скопје во неверување, како може вирусот кај толку млад човек да развие за толку кратко време таква тешка слика и фатален крај.
Девојката првин 4 дена била лекувана дома, со инфузии кои ѝ ги препишал матичниот лекар. Нема направено пропуст, нејзиното лекување е по протокол, почнувајќи од реакцијата на матичниот лекар.
Директорката на клиниката д-р Милена Стевановиќ, за „Сакам да кажам“ изјавила дека девојката немала претходни хронични заболувања, но откако ќе поминат овие први денови на жалост во семејството на младата тетовка, Клиниката ќе го контактира за да се одгатне оваа дилема.
„Поради влошување на состојбата, младата пациентка е тестирана во Клиничкиот центар во Тетово. Веднаш е хоспитализирана, утврден е позитивен тест на Ковид-19. Се утврдило дека покачената температура, омалаксаноста, кашлицата и отежнатото дишење се последица на зараза со Ковид-19. Пациентката останува таму една недела, ситуацијата не се подобрува, ја земаме ние овде, на Инфективната клиника“, кажува д-р Стевановиќ.
„Имавме благо подобрување во лекувањето, но брзо потоа попушти срцето и се појави пулмонална тромбоемболија. Ја лекуваше и кардиологот кој е кај нас, ѝ даде соодветна терапија, но таа не успеа да се избори. Зошто оваа млада жена разви така тешка слика немам одговор, ни човечки ни лекарски. Немаше покачена телесна тежина“, вели д-р Стевановиќ.
За овој случај ќе биде консултиран и тимот во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) со кого соработува Инфективната клиника на истражувањата во врска со коронавирусот.