Пушачите често велат дека пушењето ги смирува, особено кога се во наоѓаат во некоја стресна ситуација, но и дека пушењето ја пoдобрува нивната концентрација. Луѓето пушат кога се вознемирени, уплашени, кога се во исчекување на некоја вест, кога се нерасположени, осамени. Но, често луѓето пушат и кога се чувствуваат задоволни, кога се на прослави и во друштво со своите пријатели. Во тие ситуации пушачите велат дека цигарите го подобруваат нивното и така добро расположение.
Тешко е да се разбере како цигарите можат да имаат двојно дејство, т.е. да во исто време ги смират луѓето и да ги направат побудни и поконцентрирани. Ова се објаснува со фактот што во димот на цигарите се наоѓаат околу 4000 различни хемиски супстанции. Некои од овие хемиски супстанци предизвикуваат ослободување на природни седативи, а други пак ослободуваат природни стимуланси во мозокот. На тој начин, овие супстанции и влијаат на однесувањето на човекот.
Дали пушењето создава зависност?
Често се зборува дека пушењето доведува до зависност. Никотинската зависност започнува тогаш кога се пуши редовно. Колку подолго се пуши, колку повеќе цигари се трошат на ден, толку е потешко и откажувањето од цигари.
Пушачите стануваат зависници на три различни начини.
Тие може да пушат од навика, како одговор на некои чувства или може да се физички зависници од никотинот кој се наоѓа во димот на цигарите.
- Луѓето кои пушат заради навика, најмногу пушат во одредени ситуации. Овие луѓе пушат автоматски, без да се свесни за тоа и без вистинска потреба за цигара.
- Други луѓе пушат повеќе кога се под стрес, кога се нервозни, нерасположени или пушат од досада. Нивната потреба за цигара е потикната од потребата за емотивна подршка.
- Најголемиот дел од пушачите тешко се откажуваат од пушење, бидејќи стануваат физички зависни од никотинот во цигарите.
Можно е да се биде зависен на некој или на сите претходно кажани начини.
Зошто младите луѓе започнуваат да пушат?
Повеќето луѓе започнуваат со пушење во тинејџерските години и стануваат редовни пушачи како возрасни. Истражувањата сугерираат дека многу малку луѓе започнале да пушат како возрасни.
За жал, и покрај бројните информции за штетноста на пушењето, голем број тинејџери започнуваат да пушат. Често постои мислење меѓу младите дека пушењето е доказ за нивната зрелост, која тие сакаат да ја покажат пред другите, посебно пред своите пријатели. Младите ќе започнат со пушење ако пушат нивните пријатели, или ако страдаат од чувство на несигурност и намалена самодоверба. Цигарите го јакнат нивното его.
Зошто треба да се прекине со пушење?
Пушењето е штетна навика. Да се откаже пушењето не е лесно, но сепак е можно. За се откаже пушењето потребна е голема волја и истрајност.
Луѓето кои се откажуваат од пушење живеат подолго од оние кои продолжуваат да пушат. Пушачите кои се откажале го намалуваат ризикот за предвремена смрт. Аргументот дека е премногу доцна да се откаже пушењето, бидејќи штетата е веќе направена е неточен.
Денес, во многу развиени земји на пушењето се гледа како на антисоцијало однесување, кое е ретроградно и казниво на јавни места. Во многу земји постои закон кој забранува пушење на јавни места.