Православните христијани кога имаат домашна слава, тие всушност го слават светецот заштитник на нивниот дом. Тогаш целото семејство се собира околу поставената маса, се споделуваат љубовта, слогата и мирот. По желба, се канат и гости.
Се верува дека славската свеќа е дар на семејството кон Бога. Таа претставува светлина на вербата и се пали при сечењето на славската погача. Според традиционалните верувања, молитвата и славската свеќа привлекуваат добра енергија и ја чистат душата од негативни елементи.
Многумина оставаат свеќата да гори во текот на целиот ден на славата, а остатокот од нејзе се пали за другите верски празници кои семејството ги слави. Може да се остави и под домашниот иконостас да догори.
Свеќите се неизоставна декорација за време на верските празници, а често се поврзуваат и со релаксирачки и медитативни својства, кои ги чувствуваат оние кои веруваат дека пламенот е светлина кон Бог и неговиот пат.