Веќе е познато дека дебелите луѓе страдаат од потежок облик на Ковид-19. Сега конечно е откриено зошто, а причината не се крие само во физичките фактори.
Луѓето со прекумерна тежина кои се разболуваат со инфекцијата со новиот коронавирус Сарс-КоВ-2 имаат поголем ризик од смрт и лекарите го знаат ова веќе некое време.
Зошто е тоа така, останува главно нејасно. Ново истражување сега покажува дека оваа зголемена стапка на смртност е резултат на низа можни причини.
Како прво, „мета-анализата“ на неколку релевантни студии ја потврди врската помеѓу дебелината и повисоката смртност. Врз основа на податоците за 400.000 пациенти, авторите утврдиле дека пациентите со прекумерна тежина имаат 113 проценти поголема веројатност да завршат во болница отколку оние со нормална тежина. Веројатноста за прием на одделот за интензивна нега се зголемила за 74 проценти, а ризикот од смрт за 48 проценти.
Според научното списание „Science“, овој тежок тек на болеста се базира на голем број физиолошки и социјални фактори. Дебелината влијае на имунолошкиот систем, поттикнува хронично воспаление и го забрзува формирањето на тромби и сето ова може да ја влоши болеста. Покрај тоа, дебелите луѓе често се чувствуваат стигматизирани и затоа поретко бараат лекарска помош.
„Не разбравме веднаш кој е главниот фактор на дебелината“, објаснува пулмологот Ен Дикон од Универзитетот во Вермонт.
„Дури неодамна ги сфативме катастрофалните последици од дебелината, особено кај младите. Тоа би можело да биде причина за особено тешка епидемија на корона во САД, каде 40 проценти од популацијата има прекумерна тежина“, додала Дикон.
Покрај тоа, дебелите луѓе често страдаат од други болести кои го зголемуваат ризикот од потешки компликации од Ковид-19. Овие вклучуваат срцеви и белодробни заболувања, како и дијабетес, но исто така и „метаболички синдром“, кој е поврзан со високо ниво на шеќер и маснотии во крвта и високо крвен притисок. Овој синдром ја зголемува веројатноста дека пациентот ќе заврши на интензивна нега, дишење, но исто така и за жал ќе умре, дури и без инфекција со коронавирус.
На пример, премногу маснотии во стомакот ја туркаат дијафрагмата нагоре и ја притиска кон белите дробови, што го спречува нивното ширење и го намалува протокот на воздух.
„Ако стигнете до болницата со овој проблем, ситуацијата брзо се влошува“, вели пулмологот Дикон.
Покрај тоа, внатрешната обвивка на крвните садови се менува кај луѓе со прекумерна тежина, што го зголемува ризикот од згрутчување на крвта. Згрутчувањето е сериозен проблем за пациентите, бидејќи може да ги блокира крвните садови во белите дробови.
Имунолошкиот систем на дебелите луѓе е ослабен затоа што масните клетки колонизираат имунолошки органи како што се слезината, коскената срцевина и тимусната жлезда.
„Го губиме имунолошкото ткиво во замена за масното ткиво. Како резултат, имунолошкиот систем е помалку ефикасен во заштитата на организмот од микробиолошки напади и помалку реагира на вакцината“, вели нутриционистката Кетрин Андерсен од Универзитетот во Конектикат, САД.
Не само што ова ќе го намали бројот на имунолошки клетки, туку и ќе функционира полошо. Имунологот Мелинда Бек од Универзитетот во Северна Каролина го научила ова од експеримент врз глувци. На пример, таканаречените Т-клетки во стаорците произвеле помалку молекули кои помагаат да се уништат клетките заразени со вируси, а некои од Т-клетките не пораснале во полна големина.
Студијата сугерира дека овие ефекти се јавуваат и кај луѓето. Всушност, Бек забележала дека луѓето со прекумерна тежина имаат двојно поголема веројатност да заболат од грип отколку луѓето со нормална тежина и покрај вакцинацијата.
„Ова значи дека обидите за вакцинирање против Сарс-КоВ-2 мора да вклучуваат и луѓе со прекумерна тежина, бидејќи вакцината може да не функционира добро на нив“, заклучува Бек.
Уште една околност ги прави дебелите луѓе поподложни на тешки форми на Ковид- 19: масните клетки постојано лачат таканаречени цитокини. Овие супстанции предизвикуваат слабо воспаление, кое е трајно. Ова може да го отвори патот за страшна „цитокинска бура“ што се јавува во случај на прекумерна реакција на имунитетот и е карактеристична за тешките форми на Ковид-19.
Овие откритија може да ја објаснат непропорционалната смртност од Ковид-19 кај некои жители на САД, според антропологот на Универзитетот во Колорадо, Сперо Мансон.
„Дебелината е широко распространета меѓу Индијанците и домородните племиња на Алјаска поради сиромаштијата, лоша здравствена заштита, недостаток на превентивни мерки како што се вежбање и недостиг на пристап до здрава храна“, рекол Менсон, член на Индијанците Пембин Чипев.
„Ова е тесно поврзано со сите други болести како што се дијабетес и кардиоваскуларни заболувања и нè прави многу подложни на Ковид- 19“, додаде тој.
Како порака до дебелите луѓе, експертите заклучија дека „тие треба да бидат крајно внимателни и да се обидат да избегнат инфекција со Ковид-19 со сите можни средства и присрапи“. Важно е да се следат сите релевантни мерки, како што се носење маска и миење раце.