Зоран Михајлов
Во тенискиот спорт Македонија уште по Втората светска војна, благодарејќи на таткото Никола и синот Душко Самолови, имаше плејада добри тенисери кои учествуваа на сојузните, но и на меѓународните натпревари. Во тие повоени години Самолови дојдоа во Скопје, по налог на СОФК-а на Југославија, да го пропагираат „белиот“ спорт и да ги тренираат младите вљубеници во тенисот. Иако мора да кажеме дека овој спорт во неколку градови, како Битола и Тетово, веќе имаше земено замав и не им беше непознат на љубителите на спортот. Затоа, не беше ни чудно што тенисот брзо беше прифатен и се играше со голем жар и задоволство. Во втората половина од 50-тите години имаше една генерација, во која еден од најекспонираните беше Сашо Панов, кој стигна и до европската пионерска вицешампионска титула. Сето тоа говореше дека има таленти и дека овој момент ќе треба да се искористи за побрз развој и напредок на тенисот, кој своите први репрезенти ги имаше во легендарните Спасеновски од Тетово и Ѓуровски од Скопје.
Со доаѓањето на генерацијата на Васе Апостолов, потоа Штериев, Јовановски, Михајловски-Грицко, Јанчулев, Панов кого веќе го спомнав, тенискиот спорт доби во својата популарност и стана многу привлечен. Терените на ТК Југ во Градскиот парк беа претесени да ги соберат сите заинтересирани, па така се вршеше една селекција – за да може оние што на стартот покажуваат добри резултати да имаат нормални услови за тренинг. По онаа прва генерација, доаѓа една плејада тенисери во која се истакнуваат Ј.Лазовски, Ночев и Тодор Николовски, кој од своите врсници стигна најдалеку, за потоа кон почетокот на 80-тите години на сцена да се појави Зоран Шевченко, кој веднаш го привлече вниманието кон себе и уште од раното детство зачекори по патеката на успехот.
Наместо фудбалер-тенисер !
Во Дебар Маало од каде што потекнува и Шевченко беше традиција децата уште од најраната возраст да почнат да се занимаваат со фудбал. Најчесто се играше на улица, бидејќи тогаш немаше слообраќај, тука беше и паркот во кој се користеше секој дел од зелената површина, а и стадионот на кој Вардар и Работнички имаа квалитетни школи во кои работеа поранешните фудбалски асови.
-Јас, како и повеќето мои другари почнав да играм фудбал, се сеќава на тој период Шевченко. Со неколку мои другарчиња, кои веќе тренираа тенис, еден ден и јас отидов на терените на Југ. Уште кога го фатив рекетот, како да почувствував дека тенисот ќе биде мојот спорт. Ми беше интересно и од тој момент секое слободно време го минував на тениските терени. По тримесечно тренирање дојде и првиот турнир. Имав неполни 12 години, а јас на турнирот ги изненадив сите и стигнав до финалето во кое бев поразен. Освоеното второ место ми даде голем импулс и натаму да продолжам со тенисот. Веќе и мене ми стана јасно дека можам да играм уште поквалитетно и да постигнувам добри резултати. Затоа, рекетот и топчето ми станаа мое секојдневие. Потоа се редеа и други турнири на кои победував и тоа не само во конкуренција на најмладите, туку и за играчи до 14 и до 16 години. Во сите тие категории во Македонија ги освојував првите места, а на ниво на Југославија исто така имав високи пласмани меѓу 3 и 6 место. Тогаш со мене се создаваше и онаа генерација,која ги имаше првите настапи за Македонија. Тука беа браќата Китинови, потоа Јанков и Попов.
Меѓутоа, македонските тениски надежи беа хендикепирани во споредба со своите врсници од другите ју-републики, бидејќи немаа услови за тренинг во зимскиот период. Така, доаѓаше до прекин на тренажниот процес, а сето тоа се одразуваше и на нивната форма.
-Тогашниот претседател Јовица Ласовски вложуваше напори и обезбедуваше училишни сали за тренинг, вели Шевченко. Но, тоа не беше тоа – подлогата беше тврда и многу брза, па откако напролет ќе излезевме на отворено ни беше потребен подолг период за адаптација. За разлика од нас тогашните југословенски асови Иванишевиќ, Прпиќ, Живоиновиќ, ако немаа услови дома често имаа можност да одат во странство, најмногу во Германија и таму да тренираат нон-стоп.
Последен првак на поранешната држава
И покрај се и неадекватните услови за тренинг, напредокот на Шевченко беше евидентен. Тој со брзи чекори одеше кон југословенскиот врв во младинаска конкуренција, во која освои и еден турнир во Загреб во 1985 година. Две години подоцна играше во финалето на младинскиот шампионат, а на сениорското првенство во сала во Загреб – 1989 година го освои второто место. Следната година Шевченко повторно беше втор, но овој пат на отворено. Во решавачката битка за титулата беше поразен од Мушкатировиќ. Овој пораз значеше петто место во ју-рангирањето и елиминација од најдобрата четворката што настапуваше во Девис-куп репрезентацијата.
-Затоа пак играв за репрезернтацијата на Југославија во Купот на нациите што се одржа во Мокнте Карло. Овде, го освоивме второто место, а јас ги одиграв сите мечеви. Тоа беше утеха за моето изоставување од првата југословенска селекција. Непосредно пред распадот на Југославија учествував на сениорското првенство во 1991 година и го освоив првото место. Така и овој резултат, на некој начин е историски, зашто се водам како тенисер кој бил последен освојувач на титулата во поранешната држава.
-Почнувајќи од 1988-89 година имав настапи и учества на АТП турнири, фјучерси и сателит-турнири. Во претходниот период имав многу интересни и неизвесни дуели со подоцнешниот освојувач на Вимблдон – Иванишевиќ, потоа Хорват, Прпиќ, Мушкатировиќ и Китинов. Се сеќавам на државното младинско првенство за играчи до 16 години загубив од Иванишевиќ во Сплит, а потоа во мојата кариера имав со него уште два дуела-за жал и два пораза.
Од тој период Шевченко се сеќава и на тренинзите во Минхен, под водството на прославениот ас Никола Пилиќ.
-Тука многу напреднав и стигнав до 693-тото место на АТП листата. Имав капацитет и за првата „стотка“, но условите го сторија своето. Морав за се да мислам сам, да се снаоѓам, за разлика од моите врсници кои имаа супер услови за тренинг и не мислеа на ништо друго освен на тенисот.
Немањето услови за тренинг го натераа Зоран Шевченко да размислува за заминување во некоја друга држава каде што ќе може максимално да тренира и да се посвети на тенисот. Ја одбра Германија, каде што паралелно со играњето, во 1995 година, зачекори во тренерските води.
-Најнапред живеев во во Диселдорф и играв во Третата лига, продолжи Шевченко. Потоа се преселив во Франкфурт, каде што всушност на 26-годишна возраст почнав да работам како тренер. Во тој период бев многу активен и настапував на многу турнири. На пример во Германија имав 11 победи на турнирите, а постигнував добри резултати и во игра на двојки. Бев во тандем со познатиот српски тенисер Ненад Зимоњиќ, со кого имавме победи во Бугарија и Унгарија.
Кога зборуваме за натпреварите во Германија да споменам дека таму на 36 години Шевченко беше втор на државниот шампионат во конкуренција на млади ветерани.
Маратонско финале со Китинов
Иако се отсели во Германија, Шевченко настапуваше на првенствата на Македонија, на кои најголеми конкуренти му беа Китинов и Попов.
-Се сеќавам на едно финале со Китинов. Одигравме маратонски меч, во кој на крајот победив со 3:1.Тоа беше во 1993 година, кога ја добив и ноемвриската награда од градот Скопје. Што се однесува до репрезентативните настапи за Македонија до 1994 година, до признавањето на нашата од Меѓународната тениска федерација, настана еден вакуум. Дури подоцна се вклучивме во натпреварите и јас бев член на таа прва наша Дејвис-куп репрезентација, која настапи на првиот турнир во Сан Марино. Со мене во екипата беше Јанков, а селектор беше Делиниколов. Таму во конкуренција со Бугарија и Грција го освоивме првото место, а јас во сите мечеви –поединечно и во двојки извојував победи. Така се пласиравме за Втората Евро-африканска зона.
Потоа, следат нови настапи-испаѓања од втората во третатата, па повторно враќање назад.
-Во секој случај еден интересен период во кој Македонија беше постојан учесник во Дејвис-куп натпреварите. Во 1998 година станав селектор на репрезентацијата, во која во следниот период носители на играта се Магдинчев и Русевски. Истата година игравме во третата зона и во групата со Нигерија,Турција и Литванија бевме најуспешни. На овој турнир, на кој бев и играч и селектор, во финалето извојувавме победа против Нигерија и повторно се вративме во Втората Евро-африканска зона.
Инаку, Шевченко беше Дејвис-куп играч до 2003 година. Во периодот од почетокот на своите настапи за Македонија, до напуштањето на националниот тим извојува 25 победи, а доживеа само 4 порази. Тој иако живееше и работеше во Германија секогаш наоѓаше време да дојде и да помогне на македонската репрезентација.
Лична карта-Зоран Шевченко
Роден во 1969 година во Скопје
Кариера: ТК Југ,Германија и репрезентација на Македонија
Успеси: Победи на турнири во Германија, освоени неколку титули во сите категории во Македонија, две вицешампионски титули во Југославија, последен победник на Југославија пред распадот на државата, репрезентативец на поранешна Југославија-учесник во Купот на нациите, 25 победи во Дејвис куп настапите за Македонија
Тренерска кариера:Селектор на Македонија од 1998 до 2003 година, тренер во повеќе школи и клубови во Германија
Коментарот на Борис Бекер
На првиот настап за репрезентацијата на поранешна Југославија во Купот на нациите во Монте Карло, натпреварите ги следел и легендарниот Борис Бекер.
-Момчето е голем талент, треба само да работи и далеку ќе стигне, бил коментаротт на Бекер по настапите на Шевченко.
Егзибиционен меч со Живоиновиќ во Скопје
Колку беше Шевченко омилен кај публиката, зборува и податокот што Федерацијата на Македонија, му организираше ревијален меч со тогашниот прв југословенски рекет Слободан Живоиновиќ.
-Мечот се играше во салата во Аеродром во Скопје пред преполни трибини и тв-камерите, вели Шевченко. Загубив, но задоволството да се игра против Живоиновиќ, кој во тој период беше редовен учесник на најсилните светски турнири, беше големо.
Победа со рекет од противникот!
Меѓу оние работи што посебно ќе останат во меморијата на Шевченко е и еден меч во Германија.
-По првиот сет ми се скина шпанот на рекетот. Во вториот сет ми се случи истото и со новиот рекет, па за да се доигра мечот, противникот ми даде негов рекет. Можеби на крајот се покаја, зашто јас ја добив средбата.