Денеска во салата за конференции во СЦ „Борис Трајковски“ беше промовирана книгата „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ од доајенот на македонското спортско новинарство, Зоран Михајлов. На промоцијата, покрај Михајлов се обратат уредничката на книгата Бисера Бендевска, писателот Владимир Плавевски и уредникот на спортската редакција на весникот „Нова Македонија“, Горан Манчевски.
Михајлов во книгата оддели простор и за трагедијата на Олимписките игри 1972 во Минхен.
„Ден пред да се случи тоа, го замолив Буштур, нашата кошаркарска легенда, да ми купи патики ‘пума‘, бидејќи само спортисти можеа да ги купуваат. Наредниот ден беа нападнати израелските спортисти и деветмина беа убиени, меѓу кои и борачи, кои заедно тренираа со нашите. Нивните имиња се спомнати во книгата“, рече Михајлов.
„Ова е историја не само поради богатата кариера на Зоран Михајлов како спортски новинар туку и успесите и бројните настани поврзани со македонскиот спорт“-истакна носителот на златен медал од ОИ, борачот Шабан Трстена.
“Книгата на Зоран Михајлов е дијамант на македонската документаристика“ рече еден од промотерите, писателот Владимит Плавески.
Настанот беше збогатен и со проекција од изјави на негови колеги и пријатели.
Инаку, Зоран Михајлов зенитот на својата медиумска кариера го достигнува во Македонската радио-телевизија (МРТ), каде што е еден од новинарите што ги поставуваат темелите на спортското коментаторство во нашата земја. По пензионирањето, не мирува: ја уредува и ја води емисијата „Македонски спортски легенди “ на „Наша ТВ“, редовно објавува колумни во дневниот весник „Нова Македонија“, пишува за порталот „улица.мк“ и подготвува нов проект на „Радио РФМ“.