По отслужувањето на затворска казна од 2,5 години, поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, за првпат се огласи на социјалните мрежи, со порака дка „е потребно само трпение, и се ќе си дојде на вистинското место во перфектно време“, објави Фокус.
Покрај пораката, тој објави и фотографија со неговата сопруга Бисера.
Ова е негово прво јавно огласување, откако во април 2022 година на социјалните мрежи објави отворено писмо до поранешниот премиер Димитар Ковачевски, во кое информираше дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата Генерален секретар на Владата.
Тој тогаш порача дека верува во институциите на системот, во правичноста и правдата, и дека е уверен како вистината ќе излезе на виделина и ќе ја докаже својата невиност.
Тој беше обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување поради договорот со фирмата „Интерхолдинг“ за консултантски услуги за потенцијална приватизација на „Пошта“ и Железници транспорт.
Според обвинението, тој направил штета од над 57 милиони денари на државниот буџет.
Беше осуден на 2,5 години затворска казна, но исто така, беше пресудено и дека треба да врати над еден милион евра во државниот буџет.
По објавувањето на пресудата, Зеќири изјави дека не била докажана негова умисла во склучувањето на договорите, најави жалба.
Според Фокус, нема детали околу тоа дали поранешниот генерален секретар ги вратил средствата во буџетот и дали се жалел на пресудата, но според неговите последни објави, лошиот период е зад него и неговото семејство.