Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од Американците дополнителна помош. Тој синоќа преку „Зум“ се сретна со американскиот Сенат и побара од нив нови санкции против Русија и забрана за летање над Украина.
Сенатор од средбата, јавува Си-Ен-Ен, вели дека Зеленски бара нови санкции во областа на енергетиката, но и дополнително оружје за да помогне во одбраната од руската инвазија. Тој наведе и дека украинскиот претседател бара од САД да го забранат увозот на руска нафта, но и да ги прекинат сите комерцијални трансакции преку Visa и Mastercard.
Нешто подоцна беше објавено дека Visa картичките издадени во Русија нема да работат во странство, а картичките издадени во странство нема да работат во земјата.
Зеленски им се заблагодари на Американците за досегашната помош. Средбата траела околу еден час, а на почетокот на средбата Зеленски им рекол на Американците дека можеби ова е последен пат да го видат жив.
Зеленски во неколку наврати изјавил дека е „мета број еден“, додавајќи дека руските специјални сили го бараат, а вчера британски Тајмс објави дека Зеленски преживеал најмалку три обиди за атентат во последните денови.
Тајмс неодамна објави дека платеници од т.н Вагнерови групи и чеченски специјални сили се испратени да го елиминираат Зеленски.