Европската агенција за лекови (ЕМА) потврди дека постои поврзаност помеѓу вакцината на „Астра Зенека” и згрутчувањето на крвта, јави дописничката на МИА од Брисел.
ЕМА меѓутоа смета дека оваа последица е многу ретка и бенефитите од вакцината и натаму се поголеми од ризиците. Експертите од Агенцијата семтаат дека мора да продолжи вакцинацијата со сите расположливи вакцини затоа што тие спречуваат тешка форма на болеста и хоспитализација.
Агенцијата ќе ги информира сите здравствени работници како да ги детектираат знаците на згрутчување на крвта кај пациентите, а предупредувањата во упатството за „Астра-Зенека” ќе бидат актуализирани и ќе го содржат згрутчувањето на крвта како можна последица од оваа вакцина.
– По продлабочена студија комитетот за фармаковигилентност на ЕМА заклучи дека невообичаено згрутчување на крвта по вакцинирањето со „Астра-Зенека“ треба да биде вклучено како можен нус ефект, изјави Имер Кук, претседателка на Европската агенција за лекови.
За сега начинот на кој се случува оваа реакција не е јасен, една од можните причини е дека се случува имунолошка реакција слична на таа што се случува кај пациенти третирани со хепарин.
Ризикот од тромбоза по„ Астра-Зенека“ може да се случи до две недели по вакцинирањето, а можни знаци се краток здив, тешкотии со дишење, болка во вратот, главоболка и заматен вид, меѓу другото.
Доктор Сабине Штраус од ЕМА повика вакцинираните лица да ги информираат брзо и детално здравствените работници за можни нус појави за да се помогне во натамошната анализа на оваа и другите вакцини.
– Лицата кои мислат дека преживуваат нус појава треба што е можно подетално да пријават, рече Штраус.
Во овој момент стапката на пријавување на нус ефекти е еден на 100 илјади во Германија, додека во Обединетото Кралство е околу еден на 600 илјади, што е можно објаснување и за тоа зошто помалку случаи на тромбоза се пријавени во оваа земја.
– Многу зависи од тоа каков е системот на пријавување во секоја земја, и како се идентификуваат случаите, знаеме дека во Германија е направена огромна работа во овој дел, таму стапката е еден на сто илјади, додека во Обединетото Кралство стапката е многу пониска, додаде Штраус.