Во последен период по социјалните мрежи роднини и пријатели на пациенти заразени со ковид-19 пренесуваат потресни сведоштва за она што го преживуваат во болниците и ковид-центрите низ Македонија. По тој повод преку својот Фејсбук профил се огласи актерот и поранешен директор на Драмски театар, Сашо Тасевски,
“Ако имаш над седумдесет и ковид, нема кревет за тебе во болница. Можеш комотно да умреш на улица.
Оние пак, кои лежат таму добиваат список за лекови кои мораат сами да ги купат.
Важно војска мобилизиравте. Зошто бе? Да им ги скратува маките на оние што умираат по улици?
Тоа е, кој има пари може да легне во приватна болница за 12 илјади евра, десетодневен пансион, ол инклузив. По останатите трча гробарот со лопатата.
И сетне, ви светна генијална идеја да легализирате марихуана. Амстердам ќе правеле од Охрид и Скопје?
Тие на смртно болни кревет во болница не им даваат, Амстердам ќе го клонираат.
Како ви текна еј?
Откако прво, илјадници копиљаци навлековте на покер автомати, сега ќе им дозволите и да дуваат додека лупаат по автоматот, да им биде полесно кога ги губат платите на нивните родители
Создадовте монструм од неорганизирана, нехумана, асоцијална и несолидарна држава, а не место за живот. Тотален распад по хоризонтала и вертикала.
И да го прашам уште ова Филипче, ако може?
Маските што носиме по улици, дадоа некој резултат? Изгледа ЈОК.
Знаеш зошто?
Зашто не сте доследни во ништо. Додека на улица казнувате луѓе зашто не носат маска, дури и да шетаат сами, во кафаните врие од пијани будали кои се гушкаат по маси, се љубат и си се издераваат у фаца: Еј брат знаеш ли колку те сакам!
И мува не ве лази за фијаското на вашите антиковид протоколи и системот. Вие сте дефиниција за психопати,“ пишува Тасевски.