Влатко Стефановски со задоволство го најави третото издание на фестивалот „All you need is love“ ќе се одржи во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје на 23 декември, на кој покрај неговото трио ќе настапат момците од „Фанк шуи“, како и Џибони со неговиот бенд.
– Утрово ја пуштив песната на „Битлси“ и не е исклучено и да ја отсвириме на концертот, бидејќи овој слоган е актуелен и денес. И добро е да комуницираме под слоганот „All you need is love“, бидејќи љубовта ни е многу потребна, како и почитта, во овие нервозни, турбулентни времиња. Музиката е тука да не враќа кон вистинските вредности – рече Влатко Стефановски.
Тој пред новинарите откри и дека специјален гостин на концертот ќе биде неговиот син Јан Стефановски, кој од ден на ден е се подобар тапанар.
– Овојпат Јан ќе се претстави пред малку поголема публика, поради што и јас и тој сме многу возбудени – откри Стефановски.
Џибони,пак, испрати видео поздрав.
– Драги пријатели му се радувам на концертот во Скопје, тоа за мене е голем празник. Ќе дојдам со голема екипа и ќе го донесеме малку духот на Далмација во Скопје – порача Џибони.