Заштитата што ја дава вакцината, дури и од потенцијално тешки форми на коронавирус, најверојатно ќе ослабне со текот на времето, а кампањите за вакцинација ќе траат во наредните години, велат научниците од советодавната група на британската влада.
„Голема е веројатноста дека со текот на времето, имунитетот кон САРС-КоВ2 создаден од вакцината ќе ослаби, дури и за потенцијално тешката форма на болеста, но веројатно во помала мера“, се вели во документот од САГЕ (Научна советодавна група за вонредни ситуации во итни случаи).
„Затоа, веројатно е дека кампањите за вакцинација против САРС-КоВ-2 ќе продолжат уште многу години, но сега не знаеме која фреквенција на ревакцинација ќе биде оптимална за заштита на ранливите од ковид“, велат научниците.
Документот со наслов „Колку долго вакцините ќе штитат од Ковид?“ составен од истакнати вирусолози и епидемиолози од повеќе институции – Кралскиот колеџ во Лондон, Универзитетот во Бирмингем и Јавното здравство на Англија.
Британија одобри и користи вакцини од три производители – Oxford / AstraZeneca, Pfizer / BioNTech и Moderna. Вистинските податоци покажуваат дека вакцините штитат 95 проценти или повеќе од алфа варијантата, која доминираше во Велика Британија претходно оваа година, велат научниците, но способноста на вакцината да заштити од инфекција и пренесување на другите соеви е помала.
Во одделен извештај до британската влада од 22 јули, научниците велат дека постои реална можност да се појават нови соеви што би можеле да предизвикаат посериозни болести или да го ослабнат ефектот на вакцините што се сега достапни. Појавата на овие нови соеви на вирус може да доведе до посилни контроли и затворања со негативни последици за економијата.