Утрово во четири часот, заврши втората трансплантација на срце во историјата на Македонија – објави a1on.mk.
Кај 27-годишно момче кое подолго време чекало донор, зачука ново срце, благодарение на тимот од Клиниката за кардиохирургија. Донорот е 20-годишна девојка, која починала во сообраќајна несреќа, а нејзиното семејство, како што вчера изјави министерот за здравство Венко Филипче, се согласило да ги донира нејзините органи.
„Денеска, за жал, кај нас има млада почината пациентка, има согласност за донација на органи од семејството и сега се прават проверки и во однос ХЛА типизацијата за тоа дали може да се направи трансплантација и на срцето и на бубрезите. Ако се најдат соодветни реципиенти во текот на денешниот ден се ќе се заврши“, изјави вчера Филипче.
По многубројните напори да се најде лице кое ќе може да го прифати срцето од починатиот донор, сложената процедура беше започната и истата траеше неколку часа. Срцето кај младото момче почнало да чука пред 4 часот утринава.
Инаку, првата трансплантација на срце беше извршена во мај минатата година. Стануваше збор за почината 43- годишна пациентка, Емилија Динева, чие семејство се согласи да го донира срцето и пациент на 53 годишна возраст, Иван Огненовски, кој веќе подолго време чекаше донор.
Извор: а1он.мк