Во интервју за германскиот весник Велт, објавено денеска, министерката за надворешни работи Екатерина Захариева вели дека Бугарија не го негирала јазикот и идентитетот на Македонците туку, таа смета дека процесот бил обратен, односно, како што рече „тие ги негираат правата на Бугарите“.
– Се согласувам со Димтров дека секоја нација има право на самоопределување. Но, не се согласувам со тврдењето дека ние им го негираме тоа право. Тоа не е точно, вели таа.
Захариева тврди дека во изминатите десет години 88.450 граѓани на Северна Македонија добиле бугарско државјанство врз основа на нивното потекло.
– Се разбира дека звучи ужасно доколку една земја ѝ го негира правото на самоопределување на која било друга земја. Но, спротивното е точно. Во изминатите десет години 88.450 Северномакедонци добија бугарско државјанство врз основа на нивното потекло. Тие се бугарски и европски државјани. Тие имаат право на самоопределување. Но, секој кој денес во Република Северна Македонија се дефинира како граѓанин со бугарски корени, таму и понатаму се дискриминира. Пред околу две недели некои групи ги објавија личните податоци и адресите на овие луѓе, во некои случаи дури им се закануваа дека ќе ги обесат, вели Захариева за Die Welt.
На прашањето, дали има надеж да се најде компромис до крајот на годинава, кога завршува германското претседавање со ЕУ, Захариева одговара со цитат од францускиот претседател:
„Квалитетот е поважен од брзината на процесот“ и бара да престане омразата.
Според Захариева од 1 септември до 20 ноември биле избројани 14.699 негативни објави за Бугарија во македонските медиуми и само четири неутрални. Таа, пак, тврди дека во Бугарија, во истиот период, имало 450 позитивни извештаи за Македонија во медиумите.