Познатиот српски актер Срѓан Жика Тодоровиќ за првпат отворено прозборе за трагедијата што му го смени животот.
Во 2017 година ненадејно почина тригодишниот Дејан, син на актерот, кој го доби со сопругата Ана по 12 години борба за потомство. По смртта, како што вели Срѓан, тој и сопругата паднале во депресија, а тој многу ослабнал, бидејќи не можел да јаде. Иако размислувале за второ дете, сè уште не се решиле на таков чекор.
“Никогаш во животот не сум се чувствувал полошо. Како да ми се направи некаква дупка во душата, која е ненадоместлива. Сите ми велат: Мораш да продолжиш понатаму, морате да имате второ дете! А, тогаш ни текнува дека е светска пандемија и се случуваат чудни работи. Не знае човек што да прави, кога нешто такво ќе му се случи – изјави актерот во интервју за порталот „Нова РС“.
Пред четири години, Срѓан со сопругата Ана и синот Дејан отишле на лекар бидејќи малиот бил настинат. Кога се вратиле, детето легнало да спие, а два часа подоцна Ана забележала дека нешто не е во ред со него. Повикале брза помош, но лекарите не можеле ништо да направат. На обдукција било потврдено дека срцето престанало да му чука и дека станува збор за синдром на ненадејна смрт на детето.
“Јас не познавам никој кому му се случило такво нешто. Токму во моментот кога почнуваше со мене да зборува, кога почнувавме да градиме однос татко и син, почнувавме да разговараме, постојано ме потпрашуваше: „А зошто ова, тато, а зошто она“, тогаш се случи. Понекогаш си помислувам дека има и полоши варијанти – да беше повозрасен, сè ќе беше потешко и потешко. Некогаш си велам: – Заспа и не се разбуди, барем не се мачеше – вели Срѓан.