Британката Клер Мафет-Рис една вечер си легнала со симптоми на настинка, следното утро паднала во кома која траела 16 дена, а кога се разбудила од неа не се сеќавала на ништо од претходните 20 години.
Клер, нејзиниот сопруг и двајцата синови зборувале за овој тежок период кој се случил во 2021 година за британскиот „Channel 4“ и објасниле дека таа всушност имала енцефалитис односно воспаление на мозокот, поради кое го изгубила сеќавањето.
„Имаше настинка околу 2 недели, која ја префати од помладиот син. Состојбата постепено започнуваше да ѝ се влошува и стануваше сè полетаргична. Една вечер замина на спиење, а следното утро не можев да ја разбудам“, изјавил нејзиниот сопруг Скот.
Клер била итно пренесена во болница каде била приклучена на респиратор. На почетокот лекарите се сомневале дека има крварење во мозокот, но тестовите утврдиле дека станува збор за енцефалитис.
„Иако знаев дека имам деца кои ги сакам и ги препознавам, не можев да се сетам на породувањата, нивните родендени, нивниот прв ден на училиште, што сакаат и што не сакаат. За среќа, се сеќавав на сите луѓе кои ги познавам. Кога станува збор за моите изгубени сеќавања, сè уште постои мала шанса тие да се вратат, но доколку тоа не се случи, ќе морам да направам многу нови среќни спомени“, изјавила Клер за „The Sun“.
Енцефалитис е акутно воспаление на мозокот кое најчесто е предизвикано од вирусна инфекција или некоја автоимуна болест. Ваквото воспаление може да биде опасно по живот доколку симптомите не се препознаат навреме и доколку не се побара итна медицинска помош, а од него заболуваат лица од сите возрасти. Најранлива група се новороденчињата, имунокомпромитираните лица и постарите луѓе.