Американката Алиша Кејперс не се сеќава на породувањето ниту на првиот плач на своето дете. Единствен потсетник на тој ден, освен новородениот син, е лузната од царскиот рез.
Кејперс била во 31. недела од бременоста кога сопругот кон крајот на март ја однел во болница во државата Охајо. Кашлала, имала висока температура и се потешко и потешко дишела. Поради заразата од коронавирусот 40-годишната Алиша морала да се породи пред терминот и тоа додека била во медицински предизвикана кома.
Кога и нејзиниот тригодишен син Зејн на почетокот на март се пожалил на замор и добил покачена температура, Кејперс се грижела за него без да насети дека се работи токму за зараза од коронавирус. Но наскоро главоболка добил и нејзиниот сопруг и го загубил сетилото за мирис и вкус.
„Сега сме прилично сигурни дека вирусот кружеше во целото наше семејство“, рече за Си Ен Ен, Зиад Разак, сопругот на Алиша.
Кејперс, која работи како директорка за професионален развој во адвокатска канцеларија во Синсинати почнала да се чувствува лошо по една недела. Кога состојбата ѝ се влошила, се посомневала дека можеби се работи за зараза од ковид-19.
Разак (37) ја одвел на 24 март во болница, а неколку часа подоцна лекарите неговата сопруга ја приклучиле на респиратор. Ја завртеле на стомак за да добива повеќе кислород и ја лекувале со експерименталниот лек Ремдесивир.
Медицинските сестри секој ден му се јавувале на Разак во 18 часот и го ставале телефонот покрај увото на Алиша. Таа не била при свест, но сопругот по неколку минути и раскажувал за нивното дете и убавите спомени.
Кога Алиша добила болки, повеќе од два месеци пред терминот, лекарите заклучиле дека е време за царски рез и ја породиле додека била во индуцирана кома.
Во тој момент, ниту еден од родителите не можел да го гушне својот новороден син Лит. По раѓањето на детето здравјето на мајката почнало да се подобрува, но се работело за споро опоравување. Со недели била на респиратор и поминало многу време додека се разбудила и дознала дека родила син.
„Се сеќавам само дека го погледнав стомакот првпат кога се разбудив од кома и отидов во бањата и сфатив дека имам лузна“, рече Алиша.
Дури кога детето малку зајакнало и кога е тестирано негативно на коронавирус, можеше со него да си заминат дома.