Откако во цела Италија пред неколку недели беше воведен колективен карантин како реакција против ширењето на коронавирусот, Италијанците низ цела земја пееја и свиреа од своите балкони и здружено си порачуваа „Сè ќе биде во ред“ (Andrà tutto bene).
“Тие веќе не пеат, ниту танцуваат на балконите, рече Салваторе Мелузо, свештеник во Каритас Диоцесана ди Наполи, црковна хуманитарна организација во Неапол. Сега луѓето се поуплашени – не толку од вирусот, туку од сиромаштијата и мафијата. Многумина се без работа и се гладни. Сега има долги редици во народните кујни.
Во јужниот дел на Италија имаше многу помалку смртни случаи поврзани со коронавирусот во споредба со најпогодените северни региони, но пандемијата има сериозно влијание врз приходите.
Тензиите растат низ најсиромашните јужни региони Кампања, Калабрија, Сицилија и Пуља, додека на луѓето им снемува храна и пари. Има информации дека на сопствениците на мали продавници им се врши притисок да даваат храна бесплатно, додека полицијата во некои области патролира во супермаркетите за да ги спречи кражбите. Самовработените или оние што работат со договори што не гарантираат социјални бенефиции ги загубија приходите, а многу мали бизниси можеби никогаш веќе нема да се отворат.
Гардијан“ пишува дека има знаци дека криминалците ја искористуваат ситуацијата. Во тек е истрага за активностите на фејсбук-групата „Национална револуција“, која ги охрабрувала луѓето да крадат во продавниците.
Леолука Орландо, градоначалник на Палермо, побара од владата да воспостави основен приход за опстанок на најсиромашните граѓани затоа што тие стравуваат дека криминалците би можеле да промовираат криминал.
Официјалните лица се загрижени дека мафијата ќе ја искористи лошата ситуација за да ги регрутира луѓето.
„Криминалците имаат многу пари и сега луѓето би можеле да почнат да работат за нив. А штом ќе почнат да работат за нив, веќе не престануваат“, додаде Орсина.