Русија ја нападна Украина, утрово нешто по 4 часот. Путин го најави нападот во ТВ обраќање во живо во кое рече дека Русија „покренува специјална воена операција“ во Украина.
Набргу потоа, експлозии почнаа да одекнуваат низ Украина. Експлозии има во Киев и уште најмалку шест украински града.
Во телевизиското обраќање, Путин им порача на украинските војници во регионот Донбас да го положат оружјето и да се вратат дома.
„Русија не планира да ја окупира Украина, но одговорот на Москва ќе биде брз ако некој ѝ се спротивстави на Русија. Украинскиот народ треба слободно да избере кој ќе ја води земјата“, кажа Путин.
Киев тврди дека Путин почнал целосен напад на Украина. Извештаите кажуваат дека експлозии се слушаат во Киев, Харкив, Одеса и други градови низ Украина, а пукање имало и во близина на аеродромот „Бориспил“ во Киев. Агенцијата „Интерфакс Украина“ соопшти дека руските трупи влегле во јужните пристанишни градови Одеса и Мариупол.
Џо Бајден го осуди нападот како неиспровоциран и неоправдан и кажа дека Русија ќе биде одговорна за катастрофални човечки загуби и уништувања.
„Претседателот Путин избра војна со предумисла која ќе донесе катастрофални загуби на животи и човечко страдање“, рече тој во изјавата. „Само Русија е одговорна за смртта и уништувањето што ќе ги донесе овој напад, а САД и нивните сојузници и партнери ќе одговорат на обединет и решителен начин. Светот ќе бара одговорност од Русија“.
Explosion in Ukraine’s Maruipol pic.twitter.com/uOv0J6ceve
— Rohan Dua (@rohanduaT02) February 24, 2022