Организаторите на Олимписките игри во Токио соопштија дека е регистриран случај на инфекција со коронавирус во Олимпиското село.
– Во селото има една личност. Ова е прв регистриран случај, а откриен е по пристигнувањето – откри портпарол на комитетот надлежен за организација на Игрите, без да прецизира дали станува збор за спортист или член на стручниот штаб, како и од која земја доаѓа заразеното лице .
Олимписките игри во Токио треба да се одржат од 23 јули до 8 август, откако тие беа одложени за една година поради пандемијата, а во Јапонија се воведени строги мерки за тие да се случат.
– Правиме се што можеме за да спречиме ширење на коронавирус. Ако има инфекција, имаме план да одговориме, рече претседателот на организацискиот комитет, Сеико Хашимото.
На помалку од седум дена пред церемонијата на отворање на Игрите, Токио не е во славеничко расположение бидејќи бројот на заболени од коронавирус продолжува да расте, а вонредната состојба беше воведена во понеделникот и ќе трае до 22 август. Скоро сите олимписки натпреварувања ќе се одржат зад затворени врати, а десетици илјади учесници, од спортисти и судии до странски новинари, подлежат на строги ограничувања.
Овие мерки не го задоволуваат локалното население, бидејќи скоро 1.300 нови случаи на корона на ден се потврдени во Токио во претходните денови.
Патем, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах, во четвртокот рече дека мерките даваат резултати и дека сите тимови ги почитуваат и поддржуваат регулативите.