Независниот македонски новинар кој живее во Лондон, Ненад Живановски го сподели на Фејсбук своето второ заразување со коронавирус.
“КОГА ГОСПОД Е ДАРЕЖЛИВ ПО ДВА ПАТИ
Некој ни еднаш, а јас од вчера по втор пат сум позитивен на Ковид 19. Мал јубилеј – точно на годишнина од лани во март закачениот кинески коронавирус, сега се апдејтував со британскиот сој. Како тргнало, колку членки има во Обединетите нации, толку соја на вирус ќе се појават, а јас сите ќе ги прележам.
Во врска со симтпомите, за сега, многу се полесни од минатогодишните, кои и самите не беа толку тешки. Едино што сега е ново, се доста силни болки во мускулите, особено во долните екстремитети – нозете од колената кон стапалата многу болат.
За разлика од минатата година во март, кога се ова беше ново, се уште немаше никакви мерки, па вирусот го закачив во концертна сала меѓу 5-6000 посетители, од кои никој не носеше маска, овој пат, БУКВАЛНО, сите мерки на превентива ги имав превземено. Во Лондон се вратив на 14 февруари со негативен тест и веднаш отидов во изолација десет дена. На 26 февруари за прв пат излегов надвор, не со една, со две маски на мене, во автобус се возев на горниот спрат, каде немаше други патници, така што контакти со луѓе воопшто и да немав. Три дена по тоа прво и единствено изегување надвор, ми се појавија првите симптоми, кои вчера ми беа и потврдени со ПЦР тестот дека сум +.
Заклучок ми е дека нема спас од вирусов, тој веќе не се пренесува само преку контакт со луѓе, туку самиот воздух кој го дишеме е контаминиран со аеросоли полни со вируси. И дома да седиш во изолација, само што ќе отвориш прозор за да влезе свеж воздух, потенцијално си во опасност да се заразиш. Постанувам параноичен, како некој механички да го дозира присуството на вирусот во воздухот.
Според моево искуство, никакви мерки на превентива веќе не помагаат, ниту ако еднаш прележиш Ковид 19 ти е гаранција дека си стекнал антитела и имунитет. Кај два пати, верувам дека во догледно време и трет пат ќе се заразам. И која е смислата повеќе да носам маска, да се изолирам и да се глупирам? Едино што верувам и се надевам дека секој нареден пат кога ќе се разболам вирусот ќе биде послаб и полесен за организмот.
После една година искуство со коронавирусот, јас сум за да се врати животот во нормала, да се укинат мерките и да се почне со создавање на колективен имунитет. Инаку, вака крај нема. Пробавме со превентива и пак сме на почетната точка каде бевме лани во март.
Поарно крај на агонијата со радикална мерка, па секој со својата среќа и што Господ му пишал, отколку оваа агонија без крај.
Да сте живи и здрави сите!
Лондон, 06.03.2021“, напиша Живановски.