Психоза владее во Рим по убиството на три проститутки.
Грозоморното откритие се случило денеска наутро во зграда на Виа Аугуста Риботија во римскиот кварт Прати, кога чуварот на зградата пронашол тело на жена како лежи во локва крв на скалите на вториот кат. Полицијата излегла на местото на настанот, а откако истражителите ја отвориле вратата од станот, го пронашле телото на уште една жена, а веднаш се посомневало за убиство. Двете жртви по потекло се од Кина и се верува дека се занимавале со проституција, пишува италијанскиот „Кориере дела сера“.
Покрената е истрага, но идентитетот на жртвите не е веднаш откриен. Жената чие тело е пронајдено на скалите имала околу 40 години, додека жртвата пронајдена во станот била помлада. Според соседите, жртвата од скалите живеела во зградата, а се проверува што точно правеле несреќните жени во Рим и како се меѓусебно поврзани. Ќе се проверуваат и телефонските броеви за да се утврди мрежата на нивните познаници.
Она што исто така го привлекува вниманието на истражителите е фактот дека ниту еден од жителите во зградата не слушнал вресок во текот на утрото, а пријавата во полиција стигнала околу 11 часот.
Полицијата располага со снимки од бројни надзорни камери на Пјаца Клодио и околните улици за да се утврди кој влегувал и излегувал од зградата во претпоставениот момент на убиството, а во станот се трага по индиции и докази кои би укажале на еден или повеќе сторители.
Сепак, нешто помалку од еден час подоцна пронајдено е тело на друга жена, првично погрешно идентификувана како транссексуална личност. Станува збор за 65-годишната ескорт дама, Колумбијката Марта Кастан Торес, чие тело е пронајдено во стан на улицата Дурацо, исто така во областа на плоштадот Клодио.
Според полициските наоди, телото лежело на креветот со длабока убодна рана во градниот кош. Злосторството го пријавила сестрата на жртвата, која утрото го открила телото и веднаш ја алармирала полицијата. Станот во кој е пронајдено телото на 65-годишната жена се наоѓа во подрум.
Во тек е истрага за да се утврди дали има поврзаност меѓу двете кривични дела. Оружјето што се користи и во двата случаи би можело да биде некаков нож, веројатно со долго сечило, но овие детали се уште се утврдуваат, пренесува Corriere della Sera.