-Верувам дека Балканот веќе не е темпирана бомба, туку станува европски Балкан каде што се градат мостови на пријателство и се наоѓаат решенија преку дијалог и соработка. Убеден сум дека дури и оние решенија кои сè уште не се пронајдени, ќе се најдат со дијалог, -изјави премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју за телевизија Н1.
Прашан за идејата за обединување на Косово и Албанија, тој смета дека не е добра, и оти заедничката иднина на сите земји од регионот е во ЕУ.
– Европа без граници, Европа каде што луѓето работат, соработуваат и комуницираат едни со други. Убеден сум дека овие идеи се идеи на поединци, дека тие се во малцинство и нема да имаат своја иднина затоа што верувам дека подобрувањето на соработката во нашиот регион е дел од нас, изјави Заев.
Говорејќи за Мини Шенген, тој посочи дека тоа ќе им користи на сите и ќе ја унапреди регионалната соработка.
– Ако Македонец може да аплицира за работа во Ниш или Нови Сад, исто како Србин, или обратно Србин може да се пријави за работа во Струмица или Скопје, ако нашата меѓусебна размена на производи навистина го забрза процесот на граничните премини, ако овозможиме признавање на дипломите со што граѓаните ќе можат уште полесно да најдат вработување, ако можеме да им кажеме на странските инвеститори дека за нивната инвестиција во Врање или Ниш, ако им требаат дополнителни инженери, можат да ги најдат во Скопје и да ги вработат, сето ова ќе им користи на сите, рече Заев.