Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција најави дека преку новата Акција 2021 ќе се прочистува судството, ќе се изврши ревидирање на досиејата и борба со корупцијата.
-Нема да дозволиме неуспехот на Европската унија со неодобрувањето на преговарачката рамка да предизвика застој во внатрешните реформи. Испорачуваме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата кон Европската унија со заштитен македонски идентитет и македонски јазик. Ќе продолжиме со реформите, со уште посилен интензитет, рече Заев.
Претходно, Заев на својот Фејсбук профил објави дека се забранети сите летови од Велика Британија, а дополнително се воведува задолжителна самоизолација од две недели за сите кои ќе пристигнат од таа земја, на било кој начин.
„После најновите информации поврзани со појавата на забрзано ширење на коронавирусот во Велика Британија, на денешниот главен кризен КОВИД-19 штаб донесовме одлука за забрана за сите летови од Велика Британија во Македонија. Дополнително, се воведува и задолжителна 14-дневна самоизолација за сите патници што по воздушен или копнен пат, директно или индиректно пристигнуваат од Велика Британија во Северна Македонија.“, напиша Заев.