Во пожарот кој избувнал ноќеска во велешката населба Варналиите изгоре една куќа, а загина и нејзиниот сопственик. Пожарот е локализиран и се работи на целосна ликвидација на жариштата, информираат утрово од Противпожарната бригада во Велес.
Оттаму истакнуваат дека нема опасност по соседните објекти, како и дека сè уште не се знае причината за избувнувањето на пожарот.
Во врска со пожарот синоќа се огласи и Велешкиот градоначалник Аце Коцевски.
„=“Со жалење ве известувам, дека ноќеска во Велес, околу 23 часот, избувна силен пожар што целосно изгоре една куќа во која се претпоставува дека настрадал и сопственикот, лице на околу 80 годишна возраст, а една куќа е делумно зафатена од пожарот. По интервенција на пожарникарите од ТППЕ Велес пожарот е ставен под контрола“, напиша ноќеска Коцевски на својот „Фејсбук“ профил.
Инаку, куќата која е целосно изгорена е со стара велешка архитектура и е заштитена како споменик на културата.Објектот беше дел од повеќе играни филмови, меѓу кои и куќата на Тренчовци каде се снимаше ентериерот од култниот филм „Мис Стон“ и промотивни видеа за Велес.