Џенифер Лопез и Бен Афлек се разведуваат по две години брак, пишува Би-би-си.
Лопез поднесе барање за развод во вторникот во Врховниот суд на округот Лос Анџелес, според судските документи во кои имал увид Би-би-си.
Двојката, наречена „Бенифер“ од таблоидите, официјално се венча во Лас Вегас во јули 2022 година и одржа поголема свадбена церемонија во Џорџија следниот месец. Всушно, тие направија две свадби.
Нивната романса започна откако се запознаа додека работеа на сетот на криминалниот филм „Џигли“ во 2003 година. Тие првично планираа да се венчаат таа година, но Бен ја прекина врската на почетокот на 2004 година.
Речиси две децении подоцна, тие ја обновија врската.
– Љубовта е прекрасна. И се испостави дека љубовта е трпелива. Дваесет години трпелива – рече Џенифер во 2022 година откако ја најави венчавката во Лас Вегас.
Би-би-си ги контактираше нивните претставници за коментар.
Во судскиот документ во случајот се наведува дека Лопез или нејзиниот адвокат мора да го известат Афлек со копија од нејзиното барање за развод.
Медиумските извештаи наведуваат дека Лопез, која правно го сменила своето презиме во Афлек, не навела никакви детали за предбрачниот договор во барањето за развод.
Во документот поднесен во Врховниот суд во Лос Анџелес во случајот се наведува дека и Лопез (55) и Афлек (52) мора да споделуваат финансиски информации, вклучувајќи ги своите тековни приходи, трошоци, имот и долгови.
Во документот се наведува дека и двајцата се обврзани да ги обелоденат сите промени во своите финансии „додека не се постигне конечен договор за сите финансиски прашања во случајот“.
Судот и дал на Лопез 60 дена да поднесе финансиски извештај, а Афлек ќе има уште 60 дена откако таа ќе ги достави своите информации, да го направи истото.
Во поднесокот се наведува дека непријавувањето или неажурирањето на финансиските информации од страна на кој било од нив може да резултира со судски казни.
За нивната врска се шпекулира со месеци. Тие ја ставија својата куќа на Беверли Хилс на продажба за 65 милиони долари и беа видени одвоени без нивните венчални прстени.
Афлек, двократен добитник на Оскар, претходно беше во брак со актерката Џенифер Гарнер, која ја запозна на сетот на филмот „Перл Харбор“ во 2001 година. Тие се разведоа во 2015 година по 10 години брак и имаат три деца.
Лопез беше мажена четири пати, прво со келнерот роден во Куба Ојани Ноа од 1997-1998 година; потоа за нејзиниот поранешен танчар Крис Џад од 2001-03 година; и за пејачот Марк Ентони, со кој има близнаци, од 2004-14 година.
Пејачката и актерка, позната како Џеј Ло, беше свршена и со ѕвездата на Њујорк Јенкис, Алекс Родригез.