Еден обичен ноќен провод се претворил во ноќна мора за Меди Мекгиверн, која по враќањето дома на својата банкарска сметка видела долг од неверојатни 50 милијарди долари. Целиот момент на шок го снимил нејзиниот пријател Гејб Флорес и го споделил на ТикТок, а видеото за кратко време станало вирално.
Иако на сметката имала нешто повеќе од 76 долари, тој износ бил само капка во морето во споредба со астрономскиот минус. „Што да правам?“, се прашувала — сосема разбирливо кога ќе откриете дека должите сума еднаква на БДП на помала држава.
Во паника ја повикала својата банка, каде што и вработените биле еднакво збунети. Дополнителна конфузија предизвикала и информацијата на нејзината сметка дека до 2099 година би требало да ѝ бидат исплатени 50 милијарди долари, што ја натерало Меди да се запраша дали воопшто ќе биде жива за да ја подигне таа сума на пари.
Техничка грешка на банката
Откако вработениот од банката ја замолил да остане на линија, мистеријата конечно била разрешена. Од банката подоцна во соопштение објасниле дека „за време на викендот дошло до техничка грешка“ поради која на сметките на помал број клиенти биле прикажани неточни износи. Проблемот во меѓувреме бил коригиран, па Меди конечно можела да здивне.
