На социјалните мрежи се појави снимка од забавата во кафеаната во Стајковци, која работела надвор од дозволеното работно време и во која биле новинарот Миленко Неделковски, членот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов, разрешениот судија и поранешен претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски и уште неколку познати личности, кои после тоа биле приведени во полициска станица.
Како што може да се види од видеото, гостите не почитуваат физичка дистанца, ниту некој од пропишаните протоколи од здравствените власти.
„Морам да признаам дека сум изненаден од присуството на жени во локалов…“, „Па вредело и јас би останал не до 11 до 5 сабајле“, „На натпревар се или во кафеана“, се само дел од коментарите на социјалните мрежи.
Инаку, МВР тогаш соопшти дека вкупно биле уапсени 18 лица, заради непочитување на мерките за заштита откако во кафеаната после 21 часот биле затекнати повеќе гости.
“Точно е дека јас и мојата партнерка бевме во локалот по повод пензионирањето на Неделковски. Јас на себе немав часовник, но мислам дека беше околу 21:25 часот или можеби и 21:30 часот и веќе бевме надвор пред локалот кога полицијата нè повика да отидеме да дадеме изјава. Беа сосема коректни во односот, ние отидовме дадовме изјава и тоа беше тоа. Јас првпат влегувам во полициска станица, претходно сум немал вакво искуство”, стоело во изјавата на Пандов.