Српската актерка Весна Пеќанац оствари бројни филмски, телевизиски и театарски улоги.
Весна беше во брак со познатиот режисер Живко Николиќ, со кого има два сина, а некои од нејзините најпознати улоги ги одигра токму во неговите филмови „Убавината на порокот“ и „Чудо невидено“. Публиката добро ја памети и како Јека од серијата „Ѓекна сѐ уште не умрела, а кога ќе умре не знаеме“, а голем дел од кариерата помина во „Ателје 212“.
Сепак, славната актерка животот воопшто не ја галел. За кратко време ги загубила сопругот и родителите, а сега на Твитер се појавија фотографии од Весна од народната кујна, со тажен израз на лицето и марама на главата, објави српски „Објектив“.
„Редовна корисничка на кујната на Верско добротворно старателство. Дали ја препознавате жената на овие фотографии?“, напишала една твитерџика.
Многумина биле шокирани и потресени од ова издание на актерката.
„Јас не разбирам. Зарем театрите во кои работат актерите не плаќаат пензија за своите уметници? Како тоа актерите немаат пензии?“, прашал еден корисник на Твитер.
„Јас не можам да верувам дека тоа е оваа актерка. Колку беше убава во помладите денови. Како некој да го исцицал животот од неа“, додал друг твитерџија.
Имало и такви кои ги критикувале нејзините колеги од актерската професија.
„Катастрофа. А, некои нејзини колеги се арогантни и се закануваат дека ќе ја напуштат државата затоа што, замислите, немаат „соодветен“ третман. Каде е таа колегијална солидарност? Не мора да ѝ се доделува помош, но може да ѝ се понуди работа“, гласи еден од коментарите.
Инаку, актерката своевремено опишала низ каков пекол поминувала.
– Во времето на бомбардирањето Живко западна. Чувствував огромна болка, преголема тага. Едниот син отиде да се замонаши. Тој рече: „Мене сите ѕидови ми се урнати“. Останав да зјапам во ѕидот, паднав во депресија. Некогаш бевме големо, весело, складно и работливо семејство… Не можев да играм, побарав пензија. Работата на комичарот е да им дарува радост на луѓето, а јас веќе немав радост. Пензија – 7.000 динари. Бевме гладни. Мислев дека поради тоа целосно ја изгубив меморијата. Една милостива газдарица во супермаркетот во близина на куќата со години ни даваше храна на кредит, таа ги сакаше филмовите на Живко. Сè уште беше жив. Се сеќавам дека еднаш добив пари и можев да бирам дали да одам на пазар или да вратам дел од долгот. Сепак, отидов на пазар. Од чантата ми ѕиркаше млад кромид и јас кружев низ целото маало за таа да не ме види. Му раскажав на Живко, а тој ми рече: „Одиграј го тоа на сцена. И тоа е животот – изјавила во една прилика Весна за српски „Новости“.
По смртта на нејзиниот сопруг, се појавија информации дека актерката била малтретирана од нејзиниот син, а од семејниот дом избегала во прифатилиште за жртви на семејно насилство. Меѓутоа, Весна никогаш не сакала да зборува за тоа, туку во тишина ја носела својата мака.