Спасиќ во кариерата играше за Раднички, Партизан, Реал Мадрид, Осасуна и уште неколку екипи, но сега се наоѓа во тешка финансиска состојба.
„Ми треба финансиска помош. Живеам од ден за ден, во тешка ситуација сум. Кога ја завршив кариерата, се вратив во Србија и почнаа моите проблеми. Фирмата во која вложив пари пропадна и потоа морав да барам друга работа за да преживеам. Работам како магационер за 400 евра, бев и во депресија“, вели Спасиќ.
По неговото интервју за шпански „Релево“ реагирале и од асоцијацијата на ветерани на Реал Мадрид.
„Среќен сум поради тоа. Згрешив што не разговарав порано со никого, туку се затворив во себе“, вели поранешниот фудбалер.
Спасиќ играше како централен бек во текот на кариерата, а исто така има 31 настап за репрезентацијата на Југославија.
На 19-ти јануари 1991-ва година, Реал Мадрид ѝ гостувал на Барселона. Во 62’ минута фудбалерот на Барса Еузебио центрира во противничкиот шеснаесетник, а таму неспретно со глава топката ја удира Предраг Спасиќ и таа ефектно завршува во голот на неговиот Реал Мадрид.
На тоа дерби играа големи ѕвезди како Михаел Лаудруп, Зубизарета, Хозе Мари Бакеро, Гојкочеа, Георге Хаџи, Бутрагењо, Уго Санчез, Чики Бегиристаин, Мичел, предводени од клупите од двајцата великани: Јохан Кројф и Алфредо Ди Стефано.
Спасиќ си даде автогол и тоа многу атрактивен автогол со глава и беше крив за поразот на Реал Мадрид од Барселона.
Од тој момент кариерата му тргнала надолу. Бил исмеван, критикуван а навивачите на Барселона при секое негово гостување на „Камп Ноу“ иронично го скандирале неговото презиме: „Спасиќ, Спасиќ!“ како алузија на автоголот кој си го дал.